Пратеникот Хари Локвенец на 27 април во прес салата во Собранието дошол при крајот на прес-конференцијата на Зоран Заев и Талат Џафери.
– По отворањето на вратата очигледна беше намерата на групата на луѓе да се насочи кон Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села – рече Локвенец
Кога упаднала толпата, тој бил во група со уште неколку пратеници, меѓу кои не биле и троцата споменати.
– Заради помалото внимание кон нашата група напред тргна колегата Артан Груби. Ме повлече мене, јас по колегата Стефан Богоев. Во групата беа уште двајца колеги од ДУИ. Внимателно излегуваме од просторијата трпејќи ги ударите од повозрасни луѓе во нашите потколеници. Милиметар по милиметар се движевме да излеземе. Во еден момент слушнав „еве го прилепчанецот” – рече Локвенец.
Од прес салата тие се упатиле кон канцелариите на првиот кат, а попат добил тупаница кај окото, му потекло крв, а тој не можел да гледа со тоа око.
– Се упативме кон канцеларијата на пратеничката група. Ни самиот не бев свесен како изгледам. Но забележувајќи ја реакцијата на асистентите сфатив дека изгледам страшно. Оттука решивме да отидеме во канцелариите на третиот спрат. Влеговме во канцеларијата на Агим Шакири каде со мебел ја блокирале вратата за да ме ја отворат – раскажа Локвенец.
Од она пострашно немаше. Не сакам да навлегувам во детали.
Откако час и половина Артан Груби интензивно контактирал со специјалците конечно успеале да ги лоцираат. Откако ги лоцирале, останале таму уште 45 минути од каде потоа полицијата ги евакуирала во канцеларијата на Влатко Ѓорчев.
Локвенец кажа дека тие биле зачудени како со леснотија луѓето се движеле низ ходниците очигледно барајќи нешто или некого.
Тој зборуваше и за пожртвуваноста на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев кој се обидувал да ги заштити.
– Она што го видов како ангажман на Ѓорчев не може ниту да се одглуми ниту да се симулира, ако не е вистински и од срце. Во случајот кон пратениците на СДСМ. Тој се однесуваше како спрема сопствените деца обидувајќи се да ги заштити од сите можни закани – рече пратеникот.