Локвенец: Опозицијата да гласа за Законот за одбрана

94

Пратеникот Хари Локвенец од СДСМ денеска ги повика пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да престанат со „ситно политиканство“ и да го поддржат Законот за одбрана.

Локвенец истакна дека Законот е важен за нашето членство во НАТО, но уште поважен за припадниците на нашата Армија.

– ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски продолжуваат со деструктивното однесување на штета на интересите на граѓаните и државата. Свесното блокирање на Законот за одбрана, Мицкоски и неговите пратеници во Собранието значи кршење на Уставот, загрозување на остварувањето на децениска стратешка цел – членството на Република Северна Македонија во НАТО – рече Локвенец.

Предупреди дека со „неодговорните и лицемерни“ постапки ВМРО-ДПМНЕ создава ризик да испровоцира ново вето од Грција.

– Законот за одбрана е клучен за нашето членство во Алијансата. Неодговорно, несериозно и недозволиво е членството во НАТО да биде загрозено од пратениците, особено сега кога ратификацијата на Протоколот за пристапување е на самиот крај – рече Локвенец.

Одговарајќи на новинарско прашање Локвенец кажа дека партиското раководство утре ќе одржи состанок на кој ќе се разговара за техничката влада и дека се надева оти опозицијата ќе биде доволно одговорна и ќе ги изгласаме сите важни закони.

–  Премиерот пред неколку дена го спомна одлагањето на изборите како можност, се надевам дека опозицијата ќе биде доволно одговорна и ќе ги изгласаме сите важни закони на државата во однос на подобрување на животниот стандард и на подобраување на квалитетот на живот на граѓаните – рече Локвенец.

Меѓу законите за кои се очекува да бидат изгласани на утрешната седница, не е Законот за одбрана.

Пратеникот се надева дека ќе биде постигнат договор и оти избори сепак ќе има.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...