Последното испитување на јавното мислење во Македонија – во форма на гласање на судиите во Уставниот суд – покажа резултат од 7:2 во поддршка на референдумот за Договорот од Преспа. Мислам дека е тоа прилично реална слика за односот на силите во општеството по повод дилемата за тоа какви се шансите за успех на претстојниот, историски, плебисцит.
Ако малку ги „оптегнете“ критериумите, би можело да се каже дека во таа судска сала седеше приближен „микро-пресек“ на македонското општество: етнички, политички, партиски, географски, родово… Додуша, не и генерациски (нема таму млади), но во таа сфера прореферендумското расположение е уште понаклонето кон успех на гласањето, отколку што просекот на годините старост на уставните судии тоа го покажува. (Ах, да, судииве ни се и нешто пообразовани од просекот на писменост во државава, ама па неписмените и онака имаат пониска излезност на какви било гласања за што било…)
Дополнително, дури и тажниот спој помеѓу Апасиев и Петров, поднесувачите на антиреферендумската иницијатива до Уставниот суд, е добра илустрација за ликот на опозицијата на референдумот, за таа националистичко-комунистичка комбинација на класични провокатори кои би сакале Македонија да ја вратат назад во времето и просторот, едниот до Апостол Павле, другиот барем до Француската револуција.
Апасиев разочарано заклучи дека судот дента гласал „политички“, а не „правно“, што е точно она што овде сакам да го прогнозирам: македонската јавност, имено, со чувство за ПОЛИТИЧКАТА РЕАЛНОСТ во историскиот момент во кој живее ќе излезе да гласа за поддршка на референдумското прашање.
Што значи тоа практично? Тоа значи дека кога ќе ти дојде, буквално, цел свет на нозе да те моли во овој (за тебе) историски момент за да се однесуваш, ако не паметно, тогаш барем трезвено и разумно, не е баш препорачливо да им плукаш во кафето, да се глупираш и да изигруваш пијан слон во дуќан за кристал. И така кршот, на крај, ние самите го плаќаме.
Ќе има време за лечење лични и државни фрустрации. Аман, не е сега тој момент.
А, морам да признаам дека веќе со мака ги одгледувам првенците на опозицијата (Николоски на 1ТВ, Мицкоски на ТВ21) како ситничаво, сметководителски, а логореично, се обидуваат со кого било во студиото да полемизираат и за нијансата на мастилото со кое е потпишан Преспанскиот договор, само за да не кажат што ќе да ни е да чиниме без него?! Од пред некој ден, пак, имаат и нов токинг поинт во својата губитничка агенда: уште од сега заговараат дека на резултатите од референдумот не треба да им се верува, бидејќи гласањето ќе биде местено!
Добро, ако им е така полесно, ајде да се согласиме: резултатите ќе бидат наместени, џабе целата работа на терен за бојкот на референдумот. И до полноќ таквите резултати ќе бидат славени и признаени од сите четири страни на светот, со честитки до Заев како дете да му се родило!
Прашање: И, што ќе прави опозицијата следното утро? Нема да ги признае резултатите и ќе се скара со цел свет, со плачки и клетви што ќе се слушаат од Галичник до Река, како да тажи тажна ека? Или, сепак, ќе ги признае резултатите, со историска фуснота дека правела сè што можат до нив да не дојде? А потоа, и во двата случаи, ќе гласа во Собранието за уставна потврда на договореното во Преспа.
Мислам дека, кај и да е, и Груевски ќе излезе со јавна поддршка за референдумот, бидејќи белки до сега сфатил дека неговиве партиски наследници ај што сами ќе си пукнат во колено, туку и него може да го погодат в глава!
Извор: Цивил медиа