Околу 100 ловџии од ловното друштво „Гоце Делчев“ од Босилово, но и од Ново Село и Струмица во координација со полицијата утрово тргнаа во потрага по 28 годишната Марија Брзакова од Босилово која исчезна на 18 – ти овој месец. Ловџиите заедно со полицијата, но и граѓани доброволци денеска ќе го пребаруваат теренот околу речните корита, каналите и браните во регионот.
Од ловното друштво „Гоце Делчев“ најавија дека нивните членови остануваат на терен се додека не се пронајде исчезнатата жена.
28- годишната Марија Брзакова исчезнала во раните утрински часови на 18 – ти јануари. Оттогаш и се губи секаква трага.
Според информациите од семејството облечена е во темни тренерки, на нозете имала патики или влечки,а со себе не носела ниту чанта, мобилен телефон или било каков документ. Висока е околу 160 сантиметри, средна градба, со долга костенлива коса.
И од полицијата и од семејството апелираат до сите граѓани кои ќе ја забележат или пак имаат било каква информација да пријават во најблиската полициска станица.