Лажен Артан Груби на Фејсбук ги навредува православните, вистинскиот ќе пријави

Сопственикот на профилот, извесен Роберт Тодоровски, претседател на хуманитарна организација „Здружени срца“ од Прилеп, тврди дека профилот му бил хакиран, но дека сепак не пријавил во полиција.

1347

Лажен Артан Груби викендов на социјалните мрежи предизвика лавина реакции откако објави статус со недолична и со навредлива содржина. Реакциите добија на жестина бидејќи објавата беше навреда кон православните христијани, а беше објавен за празникот Водици.

Сопственикот на профилот, извесен Роберт Тодоровски, претседател на хуманитарна организација „Здружени срца“ од Прилеп, тврди дека профилот му бил хакиран, но дека сепак не пријавил во полиција. Но, во Дирекцијата за заштита на личните податоци и во МВР ќе пријави пратеникот Артан Груби, чиј идентитет е злоупотребен.

По реакциите на граѓани на објавата, наводниот Груби се извини.

– Бидејќи ми беше злоупотребен мојот профил јавно се извинувам на целиот православен македонски народ – напиша лажниот Груби.

Четири часа по извинувањето, Тодоровски сѐ уште под името на Артан Груби напиша дека се оградува од објавите кои биле постирани во текот на денот.

– Пријател од Скопје ми се јави и ме предупреди дека нешто чудно се случува со мојот профил. Некој ми го хакирал профилот и наместо моето стоеше името на пратеникот Артан Груби. Најверојатно целта била да се изманипулира јавноста и да се кренат тензии. Ова е свесно направено на големиот верски празник Водици. Се сомневам во сторителот, но не сакам јавно да го посочам – изјави Тодоровски за Плусинфо, но никаде не пријавил дека профилот, како што тој тврди, му е хакиран.

Меѓу коментарите на социјалните мрежи имаше и такви кои тврдат дека Тодоровски самиот затскриен под името на пратеникот ја напишал навредливата објава.

Пратеникот Груби вели дека не е првпат некој со лажен профил се претставува под неговото име. Тој најави дека случајот ќе го пријави во Дирекцијата за заштита на личните податоци и во полиција.

– Кога забележав дека некој со лажен профил на мое име објавува статуси, јас веднаш пријавив во Фејсбук. Но, оттаму ми одговорија негативно, односно дека лажниот профил не го нарушува нивниот правилник. Надвор од било каква логика е да помислам или да напишам такво нешто. Последниве неколку години јавноста е жртва на лажни вести и манипулации со цел извртување на вистината – ни изјави Груби.

Тој вели дека не е првпат да се отвораат лажни Фејсбук профили со неговото име. Груби потенцира дека на социјалните мрежи повеќепати бил жртва на фотомонтажи, аудио и видео-монтажи.

Профилот на Роберт Тодоровски во моментов сè уште е под името Артан Груби.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...