Ли: Официјалната посета силен придонес за унапредување на односите

144

Значаен придонес за зајакнување на билатерaлните односи, имајќи предвид дека оваа посета на највисоко законодавно ниво е прва во последната деценија, е оцената на претседателот на Секинеското Народно Собрание Ли Џангшу за посетата на претседателот на Собранието Талат Џафери на Народна Република Кина.

– Двете држави немаат отворени прашања и односите се традиционално пријателски. Во рамките на Иницијативата појасот и патот, постојат многу можности за соработка во различни области истакнал Ли.

Тој упатил честитки за постигнувањето на договорот за името и признание за напредокот што Македонија го прави во насока на остварување на своите стратегиски цели, членството во НАТО и Европската Унија и во таа насока, ја повторил и поддршката на Народна Република Кина на тој пат.

Ли истакнал дека, во годината кога Народна Република Кина слави 70 години од своето постоење, на глобално ниво се залага за развивање на односи засновани на еднаквост и меѓусебно почитување. Анализирајќи ги актуелните состојби на глобален план и постоењето на тенденции за  унилатерализам и протекционизам, нагласи дека Народна Република Кина е посветена на мултилатеризам, отворена економија и градење на добри односи со државите во светот. Тој исто така повика на решавање на проблемите меѓу државите на мирен начин и преку дијалог а не преку насилство и уцени. Економскиот просперитет е единствено можен во услови на стабилност, еднаквост и меѓусебно разбирање, нагласи претседателот на Секинеското Народно Собрание.

Џафери се заблагодарил на поканата и на гостопримството и истакнал дека, во развојот на пријателството меѓу двете држави и севкупниот развој на односите, значаен придонес има парламентарната димензија. Тој информираше дека Собранието преку Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, го покажува својот интерес за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски, кои ќе влијаат врз унапредување на севкупните политички, економски и културни односи меѓу двете држави. Тој се согласи со својот хомолог дека, иако двете држави остваруваат успешна соработка на полето на образованието, науката, земјоделството, туризмот, медицината и други области, постојат уште многу можности за интензивирање и збогатување на соработката.

На средбата станало збор и за инфраструктурните објекти во Македонија кои ги градат кинески компании, и општо за потенцијалот на Процесот на соработка 17 + 1, како извонредна важност за реални и конкретни проекти кои ќе донесат економски раст. Беше поздравено и основањето на Координативниот центар за култура во Народната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски” во Скопје, кој има за цел јакнење и споделување на знаења, искуства и најдобри практики меѓу НР Кина и земјите членки од Централна и Источна Европа.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...