Лицата со хендикеп бараат образование кое не е ограничено, специјализирано и кое нуди еднаков квалитет како и за останатите граѓани без хендикеп и да се земе предвид нивно вработување во јавната администрација.
– Постои проблем околу класификацијата и категоризирањето на децата и лицата со хендикеп, како и специјалниот пристап кој го има државата кој, наместо кон грижа, е насочен кон креирање посебни мерки кои не водат кон еднакви права, туку кон сегрегирање и дискриминација. Имаме во одредени специјални училишта наместо слепите и глувите да учат поквалитетни програми, државата ги пренасочува од старт да учат само мануелни работи што предизвикува системска дискриминација. Без образование не може да имаме квалитетно вработување – истакна програмскиот раководител на Полио Плус- движење против хендикеп, Елена Кочоска пред почетокот на јавната дебата на тема „Погледни ги способностите – состојбите и предизвиците во вработувањето на лицата со хендикеп“.
Дополнителен проблем, посочи, е нашето вработување и при клаузулата како што вика државата, правичната застапеност на заедниците во јавна администрација, заедницата за лицата со хендикеп воопшто не е земена предвид.
– Македонија нема статистика за бројот на лицата со хендикеп. Една од препораките на Комитетот на правата на лицата со хендикеп е дека Македонија треба комплетно целосно, покрај законодавната рамка, да пристапи кон промена на свеста и стереотипите кои државата ги креира за заедницата на лицата со хендикеп. За овие проблеми континуирано зборуваме, но за жал се уште нашето прашање, прашањето на заедницата со хендикеп е на последно ниво на политичката агенда – рече Кочоска.
Додаде дека најголемата застапеност на лицата со хендикеп е во т.н.заштитни друштва, што претставува повторно нивна дискринимација, многу мала е нивната застапеност во приватниот сектор, а уште помала во јавната администрација.
– Денеска се собравме отворено да позборуваме за тоа каде е местото на лицата со хендикеп во процесот на вработување. Сакаме да се информираме какви ќе бидат идните чекори кои ќе ги преземе Стопанската комора на Македонија, а со цел сите категории на лица со хендикеп во оваа земја да бидеме вклучени, бидејќи тоа ни е загарантирано право и според Уставот и според Конвенцијата, Љубиша Савески, долгодишен соработник на Полио Плус- движење против хендикеп.
Дебатата се одржа во организација на Полио Плус – движење против хендикеп, во рамки на проектот „Маргина Обскура“, кој се реализира со поддршка од ЕУ и во соработка со Националното Координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и Стопанската комора на Македонија. Заклучоците и препораките од дебатата ќе бидат доставени до надлежните институции.