Истражување покажало оти лицата кои имаат помал број на сексуални партнери во минатото имаат поквалитетен брак, пренесува „Курир.рс“.
За научно истражување професорите Галена К. Роудс и Скот Стенли работеле на влијанието на бројот на партнери на среќата во бракот. Тие ги анализирале податоците од илјада слободни Американци на возраст од 18 до 34 години.
По пет години, 418 лица се уште биле во брак. Научниците потоа се обиделе да утврдат дали фактори како сексуалното минато на учесниците влијаеле врз квалитетот на бракот. Во обзир земале четири работи: среќата во односот, размислување за прекинување на врската, нивото на доверба и оценката колку добро одат работите во заедницата.
Откако дошле до заклучокот за поквалитетен брак, професорите тврделе оти ова е посебно значајно кај жените, бидејќи тие покажале поголемо незадоволство во бракот ако имале повеќе сексуални партнери. Покрај ова, лица кои во еден период од својот живот живееле во вонбрачна заедница со личност која никогаш не станала нивен брачен другар, исто така биле помалку среќни во бракот.
Зошто е така?
Професорите претпоставуваат дека лицата кои имале повеќе искуство можат да си ја зголемат свеста за алтернативни партнери. Со други зборови, луѓето со поголемо искуство, полесно стануваат незадоволни. Некои научници кои не учествувале во ова истражување сметаат дека тоа треба да се погледне со внимание.
– Постојат многу причини кои можат да ги натераат луѓето да имаат повеќе партнери пред бракот, независно од тоа колкав е бројот, тие се помалку или повеќе задоволни од него – рекол доктор Џим Мекнолти, професор по социјална психологија.
Тој објаснил оти лицата кои имаат поголем број партнери можеби едноставно не сакаат обврски, а кога се во брак и ќе се смират, обврските почнуваат да ги гушат.
– Би бил изненаден кога големиот број на сексуални партнери пред бракот би имал директно влијание на среќата во него – додал тој.