Литро крв под пазуви

Кутрите пациенти се принудени самите да ја топлат црвената течност во пластичните кеси со тоа што со часови ја чуваат под пазувите. Небаре е леб. Небаре е лубеница.

1357

Пред некој ден прочитав дека од вкупно 195 држави во светот, нашата земја се наоѓа на 90-тата позиција според Глобалниот индекс на здравствена сигурност. Не знам што точно значи тоа и што точно опфаќа ваквото мерење, но во секој случај резултатот не ни е ич за фалење.

Од земјите во регионот, како што може да се види на мапата, Хрватска е на 38-та позиција, Албанија – 39, Србија – 41, Бугарија – 61, Црна Гора – 68 и Босна и Херцеговина – 79. Колку за утеха, за земји со полоши здравствени системи од нашиот, прогласени се Јемен, Северна Кореја, Сирија, Сомалија, Екваторијална Гвинеја…

А кога всушност ќе се сетам на условите што ни ги нуди здравствениот систем во земјава, 90-тата позиција на глобално ниво и не е толку очајувачка. Напротив, треба да бидеме радосни, оти, да се биде подобар од Сомалија, на пример, не е мала работа. Јеби га, тоа ни е нивото.

Туку, кога сме веќе кај условите во здравството, неодамна дознав еден многу откачен податок.

Имено, на Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, каде што редовно доаѓаат пациенти на кои очајно им е потребна крв, наводно не функционираат апаратите што треба да ја стоплат крвта пред употреба.

Па така, кутрите пациенти се принудени самите да ја топлат црвената течност во пластичните кеси со тоа што со часови ја чуваат под пазувите.

Небаре е леб. Небаре е лубеница.

Но, што е со итните случаи? Како ли пациентите во бесознание, односно оние кои штотуку доживеале сообраќајна несреќа, ќе ја стоплат крвта?

Ми текна! Ќе ги разбудат од кома и ќе им речат да ги пуштат мишките на најјако.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...