Премиерот на Литванија Саулиус Сквернелис, кој на на вчерашните претседателски избори доживеа пораз, објави дека ќе поднесе оставка во јули.
Според првичните резултати, најмногу гласови освои економистот и дебитант во политиката Гитанас Науседа, кој во вториот круг од претседателските избори на 26 мај ќе се соочи со поранешната министерка за финансии, конзервативката Ингрида Симоните.
-Тоа што не влегов во вториот круг, покажува каква е оценката за мене како политичар, изјави Сквернелис.
Според делумните резултати од преброени гласачки ливчиња во 83 проценти од избирачките места, Науседа освои 31,18 проценти од гласовите, Симоните 26,16, а Сквернелис е на третото место со 22,26 проценти.
Во предизборната кампања доминираше прашањето за социјалната нееднаквост меѓу богатите и сиромашните, која расте во Литванија, и покрај солидниот раст на економијата.
Тројцата фаворити рекоа дека ќе се борат со тој проблем.
Во Литванија, претседателот нема некоја политичка моќ, но е одговорен за надворешната политика и учествува на самитите на ЕУ. Тој именува министри, судии, началници на вооружените сили и директор на централната банка, но обично за тоа треба да добие одобрение од премиерот или од Парламентот.
Сите претседателски кандидати се претставуваат како убедени поддржувачи на ЕУ и НАТО, што се смета за гаранција против соседот Русија.