Литванија го ратификува Протоколот за прием на Северна Македонија во НАТО

135

Сејмот на Литванија денеска со 108 гласови „за“ и ниту еден против денеска го ратификува Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО.

На пленарната седницата присуствуваше и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Џафери претходно имаше средба со шефот на дипломатијата на Литванија Линас Линкевичиус, кој ја повторил силната поддршка од Вилнус за интеграција на Северна Македонија во НАТО и ЕУ.

Линкевичиус изразил задоволство што Литванија е меѓу првите земји членки на НАТО што го ратификува Договорот, како и за помошта што како дел од Вилнус групата и ја даваше на земјата во процесот на интеграција во Алијансата.

Го поздравил и историскиот Договор од Преспа кој му го отвори патот на Скопје кон НАТО и ЕУ, и ја зацврстува стабилноста и безбедноста на регионот.

Шефот на литванската диполоматија изразил и надеж дека земјата во јуни ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ.

Литванија е осмата земја членка на НАТО која го ратификува Протоколот. Прва тоа го стори Грција, по неа и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, а вчера и Романија.

Земјите членки на НАТО на 6 февруари го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата. По ратификацијата на Протоколот во парламентите на сите 29 земји членки на Алијансата, Северна Македонија и официјално ќе стане полноправна членка.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...