Хрватскиот ракометен клуб ППД „Загреб“ денеска и официјално го претстави Лино Червар како нов тренер.
Червар, кој претходно од 2009 година го водеше македонскиот клуб „Металург“, повторно се враќа на клупата на Загреб од каде дојде во Македонија.
– „Загреб“ има свое минато, сегашност и иднина. Тоа е клубот на кој се базира репрезентацијата и ова злато на Медитеранските игри во Шпанија го оствари репрезентација каде половина од играчите доаѓаат од Загреб. Иако не бев во Хрватска во изминатите години, бидејќи работев во Македонија, сепак следев сѐ што се случуваше во Загреб и во клубот. Сепак, не е исто како кога си тука во центарот на настаните, кога си дел од целината како што е сега – истакна хрватскиот експерт.
Червар најави нов проект со „Загреб“, кој ќе се базира првенствено на работа со млади играчи.
Хрватскиот тренер освен во „Металург“, краток период беше ангажиран и како селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија.