По половина час пауза во Клубот на пратениците продолжи средбата на лидерите на четирите најголеми партии во земјата, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а како Билал Касами од Беса заминаа на пауза.
Официјална информација за тоа што се разговарало во првиот дел од средбата засега нема. Од СДСМ кусо велат дека разговорите продолжуваат, но дека лидерите се далеку од договор. ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека на средбата се уште не станало збор за референдумот, туку се разговарало за концептот за финансирање на политичките партии и за Законот за Влада. Оттаму велат дека владеачките партии на средбата дошле неподготвени. Од опозициската партија информираат дека Мицкоски, сепак, нема да повика на бојкот на референдумот, во ситуација кога СДСМ инсистира на успешен референдум.
На лидерската средба треба да се дискутира за повеќе прашања, меѓу кои и за составот на ДИК и претстојниот есенски референдум за името, посебно формулацијата на реферндумското прашање.
За време на паузата лидерите Заев, Ахмети и Касами седеа на една маса, додека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски кафето го испи во дворот на Клубот на пратеници, заедно со своите соработници.