Лидерот на Златна зора тврди дека е невин и оти го апселе како Бин Ладен

Првиот човек на Златна зора, кој е обвинет за формирање и управување со криминална организација, во неговиот исказ говореше и за моментот кога беше уапсен, коментирајќи дека дошле маскирани лица со црни блиндирани автомобили „како да го апсат бин Ладен“.

127
ФОТО: МИА

Лидерот на Златна зора, Никос Михалољакос, на почетокот од неговиот исказ на денешното рочиште од судскиот процес против партијата, изјави дека е невин и оти станува збор за политички монтиран случај, јави дописничката на МИА од Атина.

Во преполната сала за свечености во атинскиот суд, каде што е присутна и мајката на убиениот музичар Павлос Фисас, но и поддржувачи на Златна зора, кусо по 10 часот по локално време започна сослушувањето на Михалољакос.

При влезот во салата, лидерот на Златна зора беше исвиркан од присутните, додека пак поддржувачите на партијата станаа од нивните столчиња за да го поздрават Михалољакос.

Денешното судско рочиште и сослушувањето на Михалољакос го следат и голем број претставници на грчки и странски медиуми. Во салата се присутни над 50 новинари.

Првиот човек на Златна зора, кој е обвинет за формирање и управување со криминална организација, во неговиот исказ говореше и за моментот кога беше уапсен, коментирајќи дека дошле маскирани лица со црни блиндирани автомобили „како да го апсат бин Ладен“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, рочиштето во атинскиот суд е во тек, а сослушувањето на Михалољакос се очекува да заврши денеска или утре.

Паралелно со почетокот на рочиштето, пред судот протест одржаа антирасистички здруженија и организации.

Судот во Атина е под силно полициско обезбедување.

ФОТО: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...