| Вести денес: 0

Лидерите на ЕУ во кавга околу врвните функции во Брисел

106
ФОТО: EPA / OLIVIER HOSLET

Радио Слободна Европа – Прага

Лидерите на Европската Унија го одржаа првиот круг разговори во Брисел околу тоа кој треба да ги предводи клучните институции на Унијата во следните пет години.

Станува збор за неформална вечера на која претседателите и премиерите разгледуваа кој би можел да ја преземе функцијата шеф на моќната извршна европска власт, Европската комисија, моментно предводена од Жан-Клод Јункер, откако тој ќе се повлече на 31 октомври.

Тие, исто така, ги оценуваа и кандидатите за претседател на Европскиот совет на местото на сегашниот Доналд Туск, како и за шефовите на надворешната политика на Унијата и на Европската централна банка.

Првиот човек на Советот на ЕУ, Туск, наведе дека „никој не може да биде исклучен“.

– Јас само би сакал да кажам дека ние не разговаравме за имиња вечерва, туку само за процесот. Затоа, немојте да ме прашувате за имиња, изјави Туск.

Од друга страна, германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференцијата по состанокот во Брисел потврди дека за претседател на Европската комисија го поддржува Манфред Вебер, кој е кандидат за таа функција на Европската народна партија (ЕПП).

– Да го повторам она што го реков и да ги избегнам непотребните прашања, стоиме зад нашиот водечки кандидат, кандидатот на ЕПП, Манфред Вебер. Други, пак, стојат зад нивниот главен кандидат, очигледно, изјави Меркел.

Францускиот претседател Емануел Макрон, меѓутоа, се изјасни против Вебер, наведувајќи ги како можни кандидати, данската еврокомесарка за конкуренција Маргарет Вестагер, преговарачот на Унијата за брегзит, десноориентираниот Французин, Мишел Барние, и холандскиот социјалдемократ Франс Тимерманс.

Според Макрон, негов приоритет е да се најде „силен лидер“, кој нема да биде „засенет“ од шефовите на европските држави или влади.

– Мој приоритет е да ги имаме најквалификуваните луѓе, оние кои го споделуваат овој проект, кои се најквалификувани и кои можат да ја направат Европа што е можно посилна, изјави францускиот претседател.

Макрон додаде дека сака разновидност меѓу кандидатите, еднаков број мажи и жени, како и тие да бидат од различни политички профили.

Европските лидери се надеваат дека ќе можат да ги именуваат кандидатите на највисоките позиции на нивниот следен самит на 20 и 21 јуни.

Сепак, доколку продолжат споровите, според аналитичарите, Европската Унија ќе ризикува да се најде во институционален хаос, оставајќи ја во неможност да носи клучни одлуки во време кога се соочува со зголемената економска моќ на Русија и Кина, како и со, како што се наведува, непредвидливоста на американскиот претседател Доналд Трамп.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...