Ливерпул и Норвич ја отвораат новата сезона во Премиер лигата

208
ФОТО: EPA / WILL OLIVER

Секој љубител на англискиот фудбал веќе е во исчекување … По долгата летна пауза, едно од најатрактивните првенства во светот започнува нова кампања. Вечерва во 21.00 часот, Ливерпул го пречекува Норвич во првата битка во сезоната.

Фудбалерите на Јирген Клоп ги наведнаа главите пред Манчестер Сити уште еднаш, откако беа поразени во битката за трофејот од „Комјунити Шилд“, но се очекува ова да запали искра во нив уште повеќе за да го срушат 30-годишното проклетство и да освојат нова титула.

Големиот ривал на „црвените“, Манчестер Јунајтед, започнува дома со победникот на Лигата на Европа, Челзи, на 11 август во 17:30 часот. Манчестер Сити и Тотенхем треба да се соочат на 17 август во 18:30 часот, а на 24 август во истиот термин следи возбудливиот дуел Ливерпул – Арсенал. И ова е само мал дел од дуелите во најжешкиот месец во годината.

Нова сезона, нови правила. Без оглед на тоа дали го одобрувате системот за видео-повторување, ВАР влегува во сила. Судиите ќе имаат право на три повторувања со цел да избегнат големи одложувања на дуелите.

Астон Вила е еден од тимовите кој буди голем интерес. Клубот од Бирмингем даде најава со големиот број трансфери, откако привлече дури 12 нови играчи.

Новиот менаџер на Челзи, Френк Лампрд не сака да губи, иако „Стемфорд Бриџ“ може да биде опасен за секој тренер. Поради казната од УЕФА, Челзи ја ревидираше својата младинска политика во клубот и сега тие ќе треба да излезат на виделина. Вербата на Лампард во младите играчи може да биде сериозна платформа за тимскиот успех, но тие мора да ја заслужат. Една од важните задачи за менаџерот ќе биде да го замени Еден Азар, кој летово премина во Реал Мадрид.

Оле Гунар Солскјер е зад воланот на Манчестер Јунајтед. Тој е четвртиот постојан менаџер од заминувањето на Сер Алекс Фергусон во 2013 година. Дали ова ќе биде негова година?

И уште многу нешта и неодговорени прашања нè очекуваат…

Но вечерва е само почеток, предјадењето. Ливерпул ќе има голем старт против Норвич Сити. Садио Мане не е достапен поради доцниот почеток на подготовките по неговото учество со Сенегал во Купот на африканските нации. Џејмс Милнер, кој го пропушти мечот за „Комјунити шилд“, сега е на располагање на тимот.

Норвич ќе биде без повредените дефанзивци Тим Клосе и Кристоф Зимерман, заедно со играчите од средниот ред Алекс Тети и Луис Томпсон.

Враќањето на Норвич по три сезони отсуство најверојатно ќе му даде крила на тимот на Даниел Фарке.

– Нашиот недостаток на искуство во Премиер лигата сега може да се покаже позитивен. Нашата наивност можеби е за добро. Сакам моите играчи да излезат против Ливерпул и да размислат зошто започнаа да играат фудбал. Сакам тие да бидат смели – изјави тренерот.

Покрај европскиот шампион, тие излегуваат и против екипа која беше без пораз на последните 12 натпревари (10 победи и 2 реми). Последната победа на Норвич на „Енфилд“ во Премиер лигата датира од април 1994 година.

ФОТО: EPA / WILL OLIVER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...