Црната дудинка (Morus nigra L.) која се наоѓа во дворното место на манастирот “Свети Гаврил Лесновски” во Лесново, Општина Пробиштип со решение од Министерството за животна средина е прогласена за природна реткост.
Лесновската дудинка е стара над шестстотини години, со неа се поврзуваат голем број легенди поврзани со лековитоста на нејзините плодови. Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов вели дека дудинката е неразделен дел од Лесновскиот манастир и претставува едно од значајните обележја на манастирот, што ја става на исти ранг со прочуениот Охридски Чинар.
– Ова е прв случај, Пробиштип да добие вакво признание во делот на природата, прогласување на природна реткост. Ваквите природни реткости се од искличително значење за заедницата, за развојот на туризмот и промоција.Добивањето на ваков посебен статус, претставува само мотив плус за локалната самоуправа да продолжи и понатаму во заложбите околу заштитата на природното наследство, вели Анастасов.
Тој додава дека следен чекор е конзервација односно преземање на мерки за заштита на оваа исклучителна природна реткост, како и чекори за промоција на црната дудинка.