Лепешкар во одметната држава

 Наместо да промислиме дали тој скап и гломазен државен апарат ни служи нам на граѓаните и ни помага да го совладаме денот и да ја истуркаме секој својата топка лепешка, ние му го свртивме грбот (газот?) на фактот дека државата самата се претвори во грамадна планина-лепешка, што веќе никој не може да ја тркала, во чудовиште што само се храни и расте на наша сметка, грижејќи се само за своите интереси, а не за нас, не за нашата социјална правдина.

4128
grcev

 

Скарабејот, обичната бубачка лепешкар, на старите Египќани не случајно им била најценетата и најомилената амајлија, што денес ги краси музеите и археолошките збирки со божествено убави артефакти изработени во злато и драги камења. Египќаните ја сметале за света бубачка, која тркалајќи го катадневно своето топче, направено од лепешка од некој копитар или папкар, го симболизирала божеството на утринското сонце Кхепри, што бил одговорен за секојдневното тркалање на сонцето преку небото.

Името на богот било пишувано со хиероглиф во форма на скарабеј, кој, пак, имал повеќе симболични значења што го асоцирале со раѓањето, самиот живот, како и моќта на неговото вечно обновување. 

И јас мислам дека скарабејот е совршена метафора за животот, и за тоа како човекот го гледа светот и го живее денот. Сите ние – според оваа лепешкарска психосоцијална теорија – го почнуваме денот со формирање на сопствената топка од лепешка, која е, всушност, композитум составен од нашите лични грижи и проблеми. Потоа, топката ја тркаламе цел божји ден за да ја однесеме дома на зајдисонце, да легнеме со неа и ја сонуваме до утрото, кога сизифовското тркалање почнува одново. Убавото во оваа метафора е нејзината физика, што така верно ја одразува состојбата на нашата свест. Имено, скарабејот ја тркала топката со задните четири нозе, додека ја бутка наназад со предните две, поради што, јасно ви е, тој е секогаш свртен со грбот во насоката во која се движи. Исто како и секој од нас. И нашиот светоглед е составен од она што се случило порано, и ние сме свртени наназад кон сето она што сме го запаметиле од минатото, додека привилегијата на погледот угоре, кон иднината, ја има само нашата заднина, нашите црева, да не речам – нашиот газ. При што – и ова е најинтересното – и ние, како и скарабејот, одиме напред назаечки, со погледот удолу наназад кон себеси, фокусирани на сопствената грутка гомно што везден се зголемува, а водени по права патека само од нашите замисли и надежи. Или од индоктринацијата и пропагандата со која ни е „баждарен“ мозокот. Не е ни чудно, тогаш, што од нормалниот човек не може да се бара да ја согледа „големата слика“ за светот, за општеството или за квалитетот на неговата држава.

Расправии за површни и симболични трици

А, кога веќе ја спомнав државата, веќе ноторна е нашата неспособност да ја согледаме големата слика и најважните работи за неа додека со децении се исцрпуваме во расправии за површни и симболични трици. Наместо да се запрашаме до кое дереџе стасало распаѓањето и изопачувањето на нашата држава и дали му е таа веќе воопшто од полза на општеството и на граѓаните, ние со години си ги кршиме ноктите и ги кубеме косите за тоа што ќе се вее, како ќе се вика, дали Санде од пред 100 колена ни бил крвен предок или сватовштина, и на тоа слично. Наместо да промислиме дали тој скап и гломазен државен апарат ни служи нам на граѓаните, и ни помага да го совладаме денот и да ја истуркаме секој својата топка лепешка, ние му го свртивме грбот (газот?) на фактот дека државата самата се претвори во грамадна планина-лепешка што веќе никој не може да ја тркала, во чудовиште што само се храни и расте на наша сметка, грижејќи се само за своите интереси, а не за нас, не за нашата социјална правдина. 

За да добиеме одговор на овие суштествени прашања, доволно е да погледнеме како државата се однесува кон својот граѓанин – од кого, според Уставот, ја црпи сета сувереност и сила – и тоа кога со помош на монополот над употребата на сила од него прави даночен обврзник. Еден од повеќето инструктивни примери за државното (мал)третирање на своите граѓани е морално дефектниот Закон за даноци од имот, за кој безбели веќе пишував. Овој закон е вистинската слика за тоа како државата наместо да му служи на граѓанинот за обезбедување на социјалната еднаквост и правдина, како што е декларирано во првиот член од Уставот, таа се поставува во улога на феудален господар кој граѓаните ги третира како полуробови, кметови или чифлигари, без какви и да се права. 

 Неправичност структурално втемелена во закон

Неправичноста е структурално втемелена во законот, зашто обичниот граѓанин е обврзан да го плаќа данокот во сите ситуации, без оглед на реалната имотна состојба и другите објективни околности во кои тој се наоѓа. Од обврската за плаќање на данокот на недвижен имот не е ослободена ниту една категорија немоќни и ранливи граѓани; ниту сопствениците на скромни домови и големи семејства, ниту невработените, ниту пензионерите, ниту на друг начин социјално загрозените, ниту ранливите од која и да е причина. Но, затоа, од обврската за плаќање на данокот, се ослободени сите моќници со многу недвижнини, многу пари со кои би можеле но не го плаќаат данокот и, се разбира, со многу политичка моќ. Во членот 8 од законот, од обврската за плаќање се ослободени државните органи и тела, потоа верските заедници (зошто?), сите недвижности за кои е пријавено дека служат за остварување деловни дејности, значи, деловните имоти на капиталистите и сите сопственици на средствата за производство (зошто, по ѓаволите?), земјиштата што се користат за рударство (?) и земјоделство, како и градбите за земјоделски потреби (во кои – проверете во Министерството за земјоделство – од пред една деценија спаѓаат и спортски објекти, хотели и штогоде што е градено на нива). 

И, така, откога се ослободени сите што имаат купишта имот и пари, останува данокот да го плаќаат граѓаните, кои во својот – најчесто од родител наследен имот – само живеат, без оглед дали воопшто имаат приход што плаќањето на данокот ќе го направи можно. Е, ако приходот не е доволен за да се нахрани семејството, па логично уште помалку достасува за да се плати еден бесмислен данок на татковската куќа, земјиштето под неа и дворот, уште гаража или шупа, тогаш настапува моќната држава, застапувана од армија мали, бездушни ајхмани – тивки учесници на баналното зло, проценители и членови на комисии, совети и администрации, банки и извршители. Тие „пазарната вредност“ на имотот (што е основица на данокот) ја пресметуваат потполно арбитрарно, секогаш повеќе од реалната пазарна цена, секогаш погрешно, (но според перверзно спроведуваната „владина методологија“), и секогаш на штета на граѓанинот. Во законот нема ниту еден збор, ниту една одредба, што граѓанинот го штити од погрешно и повисоко пресметаниот данок, но има повеќе од 70 члена што детално ја разработуваат монструозната машинерија за присилна наплата, незаконска блокада на сметката на граѓанинот, присилно продавање на имотот и уништување на чифлигарот и неговото семејство. Има куп казнени одредби за обврзникот што не платил данок, но ниту една што ги казнува оние што учествуваат во злосторот на пресметувањето на нереално високите и за обврзникот убиствени ѓоа „пазарни“ вредности на нивните имоти.

Затоа, повеќе од неопходно е да го баталиме малку своето топче лепешка, и да побараме – погласно и поупорно – длабоко да се заора запустениот и заплевен законодавен угар, и темелно да се реформираат стотиците закони и прописи што нè внесоа во најсурово неолиберални капиталистички, дури неофеудални општествени околности, во кои граѓанинот се претвора во обичен феудален поданик кому што државата – социјалната држава! – му е господар, наместо слуга.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...