Ленарчич: Коронавирусот се шири со голема брзина, вонреден министерски неделава

Европската Комисија не е одговорна и не одлучува за репатријација на заразените од Кина кон Европа, обврската е во рацете на националните власти, но ЕК им помага во напорите за координација. ЕК досега спроведе репатријација на над петстотини ЕУ граѓани, потсети еврокомесарот и интензивно соработува со кинеските власти.

147

Еврокомесарот за управување со кризи, Јанез Ленарчич, утрово го посети Европскиот центар за координација на итната помош во рамките на борбата против коронавирусот. Тој предупреди дека епидемијата е сериозна и дека за Европската Унија јавното здравје e врвен приоритет.

Комесарот потврди дека министрите за здравство на Европската Унија ќе се состанат кон крајот на оваа недела за вонреден министерски совет и порача дека Европската Комисија ја поддржува оваа иницијатива за да се интензивира соработката и координацијата на земјите членки.

 – Ситуацијата е загрижувачка, ова претставува сериозна опасност за јавното здравје, вирусот се шири со голема брзина, и мерките мора да се преземат на координиран начин, изјави пред медиумите Ленарчич.

Европската Комисија не е одговорна и не одлучува за репатријација на заразените од Кина кон Европа, обврската е во рацете на националните власти, но ЕК им помага во напорите за координација. ЕК досега спроведе репатријација на над петстотини ЕУ граѓани, потсети еврокомесарот и интензивно соработува со кинеските власти.

– Во постојан контакт сме со кинеските власти за да видиме како можеме заеднички да го спречиме ширењето на вирусот, сега е време да ги здружиме нашите сили, да работиме заедно, да сториме сѐ за да ја стопираме епидемијата, изјави Ленарчич.

Тој додаде дека е “можно ситуацијата прво да се влоши пред да се подобри“ и дека тоа само ќе ги “мотивира повеќе“ европските власти во нивните напори за спречување на заразата.

Запрашан дали им верува на податоците и информациите на кинеските власти, кои долго време го криеја интензитетот и постоењето на вирусот, еврокомесарот порача дека “нема причина да не им веруваме на кинеските бројки“.

Европската Комисија ги помага и напорите на научниците за нова вакцина против коронавирусот, одвоени се десет милиони евра за оваа цел, потсети комесарот.

Тој призна дека последиците од вирусот врз кинеската економија најверојатно ќе имаат негативен економски импакт во Европа и во целиот свет, но порача дека во овој момент главен приоритет е здравјето на граѓаните.

– Економските последици, иако се важни, се второстепени, изјави Ленарчич.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...