Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик од вчера е поставен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) и 20 дена е достапен за коментари и забелешки. Предлагач е Советот за македонски јазик, во координација со министерствата за култура и за образование и наука. Претседателот на Советот Људмил Спасов вели дека фактички се работи за нов закон зашто сосема поинаку и суштински ја разгледува употребата на македонскиот стандарден јазик во нашата држава, но и надвор од неа.
Отворање лекторати во странство, електронска база на сите научни истражувања за македонскиот јазик и формирање инспекторат како посебна институција се меѓу новините во предложениот закон.
– Најнапред, македонскиот е службен јазик на целата територија, не е против Законот за јазиците. Второ, се афирмира македонскиот јазик во странство, во негова надлежност се лекторатите по македонски јазик на славистичките универзитети каде што, за жал, нешто повеќе од две децении ги губиме лекторатите еден по еден и се сведовме на четири-пет – изјави Спасов.
Целта е за две до три години да се достигне бројот од 25 лекторати во странство, колку што постоеја во СФРЈ. Да се отворат нови особено во соседните држави, но и во значајни центри како Германија и Италија, каде што немаме ниту еден. Но за таа цел, нагласи Спасов, покрај средства, потребно е и многу лобирање меѓу колегите и пријателите во странство и залагање на сите што се занимаваат со македонистиката.
– Во СФРЈ имавме 25-26, сега се сведовме на осум, од кои половината одвај егзистираат и се под прашање. Ние се обидуваме, а имаме и поддршка од Владата, дека ќе се најдат средства достојно да се претставивме во странство. Како може во Германија да немаме лекторат, а е една од најважните држави во ЕУ? Порано таму имавме три. Немаме ниту еден лекторат во Албанија каде што имаме признато македонско малцинство кое има настава по македонски јазик. Зошто Универзитетот во Битола да нема лекторат во Корча? – рече Спасов.
Покрај отворање лекторати во европските земји или нивно зацврстување и обновување, како што се тие во Будимпешта и во Москва, план има и за други континенти – да се обнови во Австралија (каде што под државна капа на Австралија се одржува македонски јазик во средните и основните училишта, но нема лекторат), и да се отвори постојан лекторат во САД, каде што повремено има настава по македонски јазик, но тоа не е поддржано од нашата држава.
Исто така, се отвора и можност во културните центри во рамки на нашите амбасади во странство да се изучува македонски јазик за сите заинтересирани во таа држава, независно од националноста.
Во Предлог-законот се регулира и прашањето на употребата на македонскиот јазик во однос на Законот за јазици, што значи дека македонскиот е прв службен јазик и сите написи ќе мора да бидат регулирани на македонски и на другиот малцински јазик (албански, турски, српски…). Сите административни тела, особено во судството, како и приватни установи, ќе бидат должни сите текстови што ги издаваат (документи, исправи…) да се лекторирани, притоа не мора да имаат вработен лектор.
Во Предлог-законот се опфатени и проектите за македонскиот јазик и пошироко за македонистиката кои десетина години не се финансираа. Точно ќе се знае финансирањето за сите установи што се занимаваат со наука за да може да добијат средства и да работат на сериозни проекти. Исто така, предвидено е и сите научни истражувања посветени на македонскиот јазик да постојат во електронска база, што е обемен проект.
– Мислам дека ние сме единствената држава во Европа која нема електронски корпус на својот јазик. Тоа е голем и обемен проект што треба да го реализираме – рече претседателот на Советот за македонски јазик. а додаде и дека на сите универзитети во нашата држава, според законот, ќе се изучува македонскиот јазик во траење од два семестра.
Во однос на усогласувањето со Законот за прекршоци, целта е да се воспостави паралела со глобите што постојат во Законот за јазици во однос на неупотреба или лоша употреба на македонскиот стандарден јазик. Најважно тука е што предлага основање инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како посебна институција во рамки на Министерството за култура.
– И досега имаше инспектори, но тие имаа и други обврски. Инспекторатот е многу важен, не заради казнувањето, тој може и да опоменува, но важно е да се крене свеста за јазикот – истакна Спасов, нагласувајќи дека законот е значаен и заради нашето членство во НАТО, а потоа и во ЕУ каде што ќе биде службен јазик, и дека треба да имаме перфектен стандарден јазик кој таму ќе нѐ претстави.
По истекот на 20 дена за сугестии и забелешки на ЕНЕР, за Предлогот ќе има и јавна расправа која е закажана за 15 јануари во Институтот за македонски јазик, за потоа да почне собраниската процедура