Лекари од Воено-медицинскиот центар и Армијата на САД прегледаа жители во две радовишки села

По претходно спроведена акција на донација од учесниците на вежбата се подели и хуманитарна помош во облека и обувки, соопштија од Министерството за одбрана.

224

Медицински тимови од составот на Воено – медицинскиот центар и од Армијата на САД, кои се вклучени како медицинска поддршка на вежбата „Одлучен удар“, во рамки на втората фаза на вежбата ги посетија радовишките планински села, Супурге и Прналија.

Тие на повозрасните жители на селата им овозможија да извршат проверка на крвниот притисок, како и други основни медицински прегледи. Исто така по претходно спроведена акција на донација од учесниците на вежбата се подели и хуманитарна помош во облека и обувки, соопштија од Министерството за одбрана.

Оваа активност, како што се посочува, е дел од цивилно воената соработка за време на вежбата, каде во осум градови на Република Северна Македонија, припадниците на двете најголеми армии кои учествуваат во „Одлучен удар“ заинтересираните граѓани ги запознаваат со карактеристиките на дел од моторните возила, оружјето и опремата која се употребува на вежбата, но и воедно да имаат спортски натпревари со екипи од локалните самоуправи .

До завршувањето на вежбата покрај веќе реализираните отворени денови за граѓаните на Гевгелија, Свети Николе и Кавадарци, вакви поставки ќе се реализираат на 26 јуни во Радовиш и Струмица, на 29 јуни во Битола, на 1 јули во Гостивар и на 5 јули во Скопје.

Вежбата „Одлучен удар“ која е досега најголема вежба организирана од нашата Армија и на која учествуваат 2.700 војници од армии на уште пет сојузници – САД, Литванија, Албанија, Бугарија и Црна Гора ќе трае до 8 јули, стои во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...