Пејачката Леди Гага во интервју кај Опра Винфри отворено зборуваше за силувањата што ги доживеала кога имала 19 години, но и психичките проблеми со кои се соочува, а кои настанале како последица на траумата.
Леди Гага уште пред неколку години ѝ откри на јавноста дека била жртва на силување, а во интервјуто со Опра Винфри раскажа дека повеќепати доживеала силување кога имала 19 години. Како што рекла Гага, тоа кај неа создало посттравматски синдром.
– Немав некој кој можеше да ми помогне, немав терапевт, немав психијатар, немав лекар кој можеше да ми помогне да поминам низ тоа. Одеднаш станав ѕвезда. Патував низ целиот свет, од хотелски соби, до гаражи, сцени… и никогаш не се соочив со тоа – раскажала Гага.
По интервјуто, водителката отишла во бекстејџот за да се поздрави со пејачката и да ѝ се заблагодари за искреноста за време на разговорот. Средбата кај двете предизвикала солзи.
– Беше толку неверојатна. Беше толку добра, толку ранлива, толку реална. Не можев да поверувам дека го правиш тоа – низ солзи ѝ рекла Опра додека ѝ приоѓала.
Опра рекла дека не очекувала дека Гага ќе зборува на таа тема, но бидејќи веќе ја допреле таа тема, ѝ дозволила на пејачката да се отвори и да биде храбра.