Таков е рулетот на историјата: постојано се врти и им дава шанса на сите. Постојано се менуваат и добитниците кои вложуваат нешто во рулетот на историјата: нема таков што севезден и единствено – добива. Ѕирнете го, на пример, списокот на пропаднатите империи и императори, или, ако сакате, списокот на некогашните колонијални пространства. Промените си врват напред по своите патеки, шуќур што повеќето од нив се подвижници на напредокот. Модерното станува постмодерно, постмодерното пост-постмодерно и така оттука до вечноста. Зависи од досетливоста на кумовите на промените.
Многу нешто се и непроменливи, или привидно променливи, што нé потсетува дека живееме во свет на оптички мамки, благи залажувања, тадури и тешки преваранции. Чавката, да речеме, во гулаб не може да се престори – колку и да павта со крилјата, какви ли вратоломии да прави. Само во приказните има бели чавки, ама – чавки. Како и црните овци. И тие служат за стрижење, ами како. Со веќе приспомнатите гулаби е малку поразлично: некои од нив павтаат лева-десна, лева-десна и си остануваат гулаби, гулаби-превртувачи, само јатото го менуваат па павтаат или само лева-лева (кој тоа павта десно?) или десна-десна. Не е да речеш тоа којзнае каква промена, брзо се арчат павтежите, а со време се стеснуваат и воздушните капии за влегување во нови јата. Има сé повеќе гулаби што веќе не може да павтаат. И да сакаат – не може. А гулаб без пафтежи, со искубани крилја, не е за никаде.
И во политичките маршеви, оттука па до анасана, се чекори по правилото лева-десна, лева-десна. Додека оној што го води маршот не викне „остав!” или дури нему не му викнат „остав!“. Има разлики, иако мнозина од тие кои даваат „остав“ би сакале да нема. А маршевите си врват „лева-десна“; за ритамот и темпото се задолжени провинциските барабанџии.
Се гледа и од најголемата височина на гулабовиот лет дека во дуњава како да стивнува она „лева-лева“, стивнува, одвај се слуша. Поербат и повреваџии се покажуваат оние што викаат (на сет глас!) десна-десна. Кај нив узансите се такви: надредени што помалку, подредени што повеќе. Запрепастувачки расте бројот на подредените. Надредените, ем напернати, ем со натежнати џепови, ги фрлаат во невиделија ппрашањата на новата солидарност. Штоако и Обединетите нации многу одамна прогласија ден на солидарноста. Надредените немаат време за ферманите на Обединетите нации: веднаш и овде, времето е пари.
Уште не зинати, оние кои милуваат да се подзасилат општествените звучници од кои се слуша и ”лева-лева!” Се изложени на плуканици со монсунска јачина: демек, нивниот повик бил ретрограден и водел директно во реал-социјализмот. Мижи Асан да ти бајам. Грото од тие што сакаат „лева-лева“ се атеисти, не веруваат во никакви воскреснувања, знаат што е било-поминало. Но, сакаат да учествуваат во она што допрва ќе биде, затоа и зборуваат за новата солидарност, затоа ја спомнуваат и скандинавизацијата на свеста на надредените, ем напернатите со натежнати џепови. Отшто се покажува дека надредените стануваат се поисклучиви, можеби „надреденоста“ е веќе еуфемизам и повистински е да се каже – заповедници. И оние кои викаа само ,„лева-лева” беа исклучиви, ама овие новиве, опиени од славјето на победите, шијат сé живо и диво. Имаат сé, освен решенија за многу прашања без кои ќе се тапка во место.
Затоа е и тешко во оваа претстава под големиот циркуски шатор, човек да си биде свој, или пак да биде „нешто“ помеѓу. Или-или, велат надредените (заповедниците). Абер немаат кој е Кјеркегор. Во секој случај, тој не бил берзијанец и не го знаел движењето на вредноста на акциите, ниту пак на валутите во менувачниците. Просто: ако не си со нас, против нас си и точка. Еден од лозунзите на епохата на етикетирањето и плукањето во која ни се паднало да живееме. Без свртување наназад и обид за мерење на сопствениот учинок.
Со поинакви зборови речено, живи сведоци сме на истиснување (не се веќе обиди, ами дела) на левицата од светската политичка мапа, за што, објективно, е виновна и самата. Погледнете во најблиското соседство и запрашајте се: кај се витоса левицата? А потем – истото прашање и за другите меридијани.
Како да надвладува злоупотребата на незнаењето. Аман веќе: како безмилосните лаги, арамилакот и алчноста да добиваат „почесни места“ во ложите од кои (со малечки бинокли, разбира се) се набљудува општествената сцена и сите текови – ем глобалните, уште повеќе локалните, нашите.
Новите митови сепак не можат толку лесно, „со малото прсте“ да ги избришат старите – оној за Давид и Голијат, на пример. А сетики не треба да се заборави дека оној што се чатали со фрлање некакво камениште, најнакрај треба да смета дека е реална опасноста да се погоди самиот себеси. Со свој камен по глава, го има и тоа.