Леви десничари… Фејкери!

Од Левица не видовме ништо особено левичарско. Напротив, кога ќе погледнам наназад, нивното дејствување, „лепо спаковано“ секогаш беше во насока на поддршка на криминалната власт на Груевски, особено во залезот на нивната диктатура.

1358

Искрено се израдував на појавата на Левица во Македонија. Ги гледав како се мачат околу начините да ја артикулираат левичарската идеологија, да се формираат, прво како неформални и формални граѓански иницијативи кои, за да опстанат, аплицираа и добиваа грантови од западните донаторски институции и влади.

На крајот, се формираа и како партија и стекнаа симпатии на мои другарки и другари од редот на интелектуалците и уметниците, а се роди и трошка надеж кај дел од работничките и работниците што се свесни за потребите од политичко претставување на нивните права. Јавно поддржав неколку нивни иницијативи и протести за работнички права. Се надевав дека од „симпатична мала партија“ ќе прераснат во сериозна и голема партија со поголема поддршка. Не ги прифаќав (докрај) аргументите на релевантни познавачи кои предупредуваа дека се спинери и прикриени „вмровчиња“. Сега ми е криво за тоа.

Левица? Трт!

Од Левица не видовме ништо особено левичарско. Напротив, кога ќе погледнам наназад, нивното дејствување, „лепо спаковано“ секогаш беше во насока на поддршка на криминалната власт на Груевски, особено во залезот на нивната диктатура.

Всушност, излезе дека прелажаа многу добри и свесни граѓанки и граѓани што мислат со своја глава. Ги злоупотребија искрените левичари за цели што немаа врска ниту со работничките права, ниту со интересите на Македонија. Ама… На лагата кратки ѝ се нозете. Левица? Трт!

За мене непријатно изненадување, а за некои мои колешки и колеги – сосема очекувано, тоа е партиичката што поднесе иницијатива пред Уставниот суд за поништување на одлуката за референдум. И сета своја енергија и капацитети ги насочија кон минирање на целиот процес.

Врескаво и хистерично, но и провидно… Покажаа дека работат за Кремљ, од чии одаи Путин го измачува прво сопствениот руски народ, а потоа и кај стигне. Покажаа и дека се на иста линија со месните и општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ што само ги засилија своите антизападни активности, веднаш по јавната декларација на Мицкоски со која тој ги „ослободи“ членовите да гласаат според сопствената „совест“.

Другарчето на „велешкиот Гебелс“

Апасиев, другарчето на „велешкиот Гебелс“, како што го нарекуваат во неговиот роден град, „скакута“ наоколу со својата брадичка и ја шири московско-вмровската реа, прозивајќи без мерка усул, меѓу другото и ЦИВИЛ. Тоа „човече“ (термин на Гоца Шлем) си дава за право да одредува што треба да пишуваат другите, каква реакција треба да имаат за некој настан… И да квалификува други како предавници и шпиони, следејќи ги „најдобрите“ традиции и практики на партијата за која вистински работи. Но, тоа не му пречи да добива донации од западните донатори, како онаа од фондацијата „Роза Луксембург“ за средбата на левичарите во Дојран или да пишува блогови на интернет медиуми поддржани од британската монархија. Одлуката на Британците да поддржуваат медиумска видливост на деструктивци и слуги на Кремљ е прашање за британските даночни обврзници, не е моја работа.

Цицач на западни пари

Впрочем, тој не е единствен цицач на западни пари, ниту британската круна е единствена што поддржува путиновски инсталации. Погледнете ја листата на грантисти на ЕУ, на пример.

Апасиев ни еднаш не реагираше кога секојдневно некој од нас беше под притисок на неговите налогодавачи од ВМРО-ДПМНЕ, кога медиумите и активистите на ЦИВИЛ и други организации беа прогонувани, апсени, навредувани или тепани, кога седиштето на ЦИВИЛ беше ограбено со очигледни цели… Не, тој се занимаваше со пропаганда, некогаш прикриена, некогаш сосема отворена. Во своите настапи, ненамерно или намерно, тој не го крие ни својот етно-шовинизам, што не е чудно, бидејќи тој и неговите не се ништо освен проект наменет за ситнење на левиот политички блок во земјата. Допрва треба да разговараме и пишуваме за македонската левица во целост, која ни оддалеку не успева да фати чекор со трендовите, да ги прифати и да ги практикува вредностите на прогресивната политичка мисла во светот.

Македонија има среќа што капацитетите за маскирање на овие леви десничари се мали, а самата партија е микроскопска во споредба со очигледната волја на граѓанките и граѓаните. Но, дел од стратегијата на деструктивните антизападни инсталации, како што изгледа, се состои токму во тоа – да формираат и да финансираат што е можно повеќе мали жаришта и ќелии за црна пропаганда насочена против македонските стратешки интереси.

Сега, пукајте. Но, јас повеќе нема да ве бранам од вашата сопствена мизерија. Ни вас, ниту било кој друг. Отворено, директно, во строго насочени и прецизни рафали, секој ден сѐ пожестоко ќе „стрелам“ (пишувам) против лагите, криминалот и национализмот. Viva la libertad!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...