По повод актуелизирањето на прашањето околу националниот идентитет на револуционерот Гоце Делчев, Левица отворено се обраќа до академијата МАНУ да го разреши актуелното прашање како најкомпетентна установа за оваа проблематика, а со тоа и да ги заштити институциите пpетседател, Влада и Собрание од како што велат, „понатамошни импровизирачки изјави како последните изјави на председателот Стево Пендаровски и министерот за надворешни работи Никола Димитров“.
Во продолжение писмото до МАНУ:
„Поттикнати од горливата тема која се дебатира во овој момент во заедничката меѓувладина комисија согласно Договорот со Бугарија за делото и потеклото на социјалистот Гоце Делчев, а соочени со нашето познавање на историјата стекнато токму од вашите учебници и научни трудови наспроти ставовите на членовите на комисијата за ревидирање на македонската историја – Ви се обраќаме со ова отворено писмо да ни дадете насоки во однос на ова прашање односно, каков политички став да заземе Левица како политичка партија, а притоа да не ги дезинформира граѓаните на Македонија.
Еден од основните столбови на нашата партија е на нашите поддржувачи и симпатизери, а и на целокупната јавност да им ја соопштуваме само вистината, независно колку таа била болна. Јасно е дека никој не спори дека големиот револуционер Гоце Делчев бил воден од левичарски идеали, односно дека бил социјалист. Конкретно, проблемот е што учејќи од вашите учебници знаеме дека Делчев е македонски револуционер. Исто така, опсервирајќи ги вашите научни кариери се гледа дека на голем дел од вас, животните кариери се базирани на научни трудови на оваа проблематика и не само за овој револуционер, а со тоа вие сте го заслужиле и статусот кој го имате во општеството и ги оправдувате финансиските средства кои ги одвојува работниот народ на Република Македонија за вашата установа.
Поаѓајќи од сите овие факти, а воедно и молкот кој го има од ваша страна по однос на конкретното прашање, ние како партија се соочуваме со конкретен проблем, а тоа е да излеземе со став за Гоце Делчев, а притоа да не ја дезинформираме јавноста. Затоа јавно Ве замолуваме за одговор на едно прашање од кое ние ќе донесеме конкретен став кој воедно ќе биде и вистината за ова болно прашање.
Прашањето е едноставно: Дали учебниците и вашите научни кариери се лажни и неаргументирани, а со тоа Делчев е бугарски револуционер, или се вистинити и поткрепени со научни факти со што Делчев останува македонски револуционер, како што ние и го знаеме? – прашуваат од партијата Левица.