Леброн Џејмс по којзнае кој пат го извлече Кливленд Кавалирс од проблеми и го одведе до победа. „Кралот“ реализираше кош со сирената, за да може неговиот тим да поведе со 3:0 во победи во полуфиналната плејоф серија во Источната конференција против Торонто.
Благодарение на неговата изведба, Кавс победија со 105:103 и се само на чекор од финалето на конференцијата.
Инаку Кавалирс имаа надмоќ во првите три четвртини од натпреварот, но во последната Торонто ја презеде иницијативата и го израмни резултатот на 8 секунди пред крајот. Потоа, на сцената излезе Леброн Џејмс.
Неговите соиграчи ослободија доволно простор за докажување на теренот, тој направи самостојна акција, при што ја помина одбраната на противникот и од табла ја испрати топката во мрежата во последниот можен момент од дуелот.
Генерално, Џејмс повторно беше незапирлив со 38 поени, 7 асистенции и 6 скокови. Кевин Лав, исто така, беше одличен за домашниот тим и со „дабл-дабл“ учинок од 21 поен и 16 скока даде значаен придонес во успехот.
Кајл Лори со 27 поени и 7 асистенции беше најдобар кај Рапторс, а Јонас Валанчунас постигна 10 поени и 11 скокови.
Следниот натпревар од серијата е на 8 мај и повторно е во Кливленд, а при победа, Леброн и компанија ќе се пласираат во финалето на Истокот.
Ал Хорфорд пак ги приближи Бостон само на победа од финалето во Источната конференција откако имаше голем придонес при успехот со 101:98 по продолжение против Филаделфија. Селтикс водат со 3:0 во серијата и може да ги завршат работите во следниот меч.
Хорфорд имаше само 2 поени во првите 3 дела, но потоа се разигра, откако излезе на сцената во последните секунди, кога прво беше пронајден под кошот и реализираше, за да донесе предност од 99:98 на својот тим.
Поважната акција сепак следеше, кога украде топка од Џоел Ембид и беше фаулиран, а потоа ги постигна и двата удари од линијата за слободни. Обидот за тројка на Марко Белинели со сирената сепак не ја погоди целта и Сиксерс доживеа трет последователен пораз.
Токму Италијанецот сепак го донесе продолжението, откако постигна од крило на самиот крај на регуларното време. Претходно, Џејлен Браун им даде предност на гостите по брз напад на само 1,7 секунди пред крајот. Сепак, Белинели изедначи.
Дебитантот Џејсон Тејтум повторно беше импресивен за Бостон, завршувајќи со 24 поени. Тери Розиер додаде 18, Џејлен Браун 16, а херојот Хорфорд се истакна со 13.
За домаќините Џоел Ембид заврши со 22 поени и 19 скока.