Централниот одбор на ЛДП го разгледа и едногласно го прифати договорот потпишан помеѓу Владите на Република Македонија и Република Грција. Тројцата пратеници на ЛДП во Собранието на Република Македонија ќе гласаат ЗА прифаќање на овој договор. ЛДП смета дека со договорот е заштитет македонскиот национален идентитет. Заштитени се македонскиот народ, македонскиот јазик, култура, македонското државјанство, македонската посебност, кодовите „мк“ и „мкд“ и најважно заштитено е името на државата Македонија кое сега се допрецизира со географска одредница, соопштија од партијата.
Најголема придобивка, според ЛДП, е што се создаваат услови за реализирање на стратешките интереси на Република Македонија, а тоа е влезот во НАТО и ЕУ и се отвораат перспективите за просперитет на државата во сите сегменти на општественото живеење.
„Во исто време, сакаме да изразиме загриженост за некои делови од договорот особено околу недоволните гаранции кои ја обврзуваат грчката страна да го почитува и усвои овој договор. Исто така, укажуваме дека во периодот на имплементација поради воопштеноста во одредени членови, македонските институции мора да водат посебно внимание за интересот на државата и да не дозволат поради различно толкување на некои одредби, да се прифатат решенија спротивни на националните интереси“, пишува во соопштението на ЛДП.
Клучно, според нив, е референдумското изјаснување на граѓаните на Македонија. За ЛДП резултатот од референдумот ќе биде обврзувачки.