Либерално-демократската партија ги повика граѓаните да излезат и да гласаат на претстојниот референдум, кој јасно и недвосмислено го поддржуваат.
„Пред нас е историски момент од кој зависи иднината на Република Македонија. Во овие моменти најважно е да се сплотиме и заеднички да се гордееме, бидејќи како држава немаме друга алтернатива освен ЕУ и НАТО. Затоа ги повикуваме граѓаните масовно да излезат на референдумот и да одлучат за својата иднина. Ние либерал-демократите, сметаме дека за вакво прашање, политичките партии не треба да тактизираат и да се премислуваат дали да се излезе на гласање или не, собирајќи евтини политички поени. Ова е историска одлука и секој граѓанин треба да го каже својот став преку давање на свој глас. За сите нас Македонија е заедничка држава без оглед на религијата, етничката припадност, политичката определба и сите ние треба да одлучиме во каква држава ќе живееме“, се наведува во соопштението на ЛДП.
Либерално-демократската партија е категорична дека одлуката на граѓаните е обрзувачка и единствено исправна.
„Се обраќаме до сите граѓани на Македонија, да го поддржат референдумот и референдумското прашање како врвен демократски инструмент за изразување на волјата на граѓаните. Имаме историска шанса за напредок, како Македонци и со нашиот македонски јазик и идентитет, да станеме дел од семејствата на ЕУ и НАТО. Имаме обврска пред сегашните и идните генерации да овозможиме сигурна и економски просперитетна држава“, се додава во соопштението на ЛДП.