Италијанскиот весник „Ла Верита“ и денеска со наслов „Заев ги плаќал гласовите по 10 евра“ продолжува да објавува нови детали од кривична пријава поднесена против поранешниот премиер Зоран Заев за наводни изборни измами во 2014 година за што имало отворено случај кој никогаш не добил судски епилог.
Од СДСМ пак, реагираа дека „наводите дека Зоран Заев бил вмешан во изборни нерегуларности во 2014 година паѓаат во вода, затоа што ако навистина било така обвинителството под контрола на ВМРО-ДПМНЕ веднаш ќе го процесирало“.
Ларис Гајзер, потпишан како автор на текстот, објави транскрипти од разговори во кои се споменуваат имињата на Заев како градоначалник на Струмица, неговиот брат Вице, Марјан Даскаловски, сопственик на менувачница „Даскал“, избран за пратеник во Собранието и претседател на локалниот огранок на СДСМ и на директорот на ЈП Комуналец-Струмица, Зоран Георгиев.
Според, пишувањето на новинарот, споменатите вршеле уцени за гласови, поткуп, закани, отпуштања од работа, исклучувања од водоводна и електрична мрежа, рекет на стопанственици, извршители, нотари.
„Гласачите кои одлучиле да соработуваат биле плаќани, за секој глас поединечно, од 10 до 25 евра, во две менувачници раководени една од Вице Заев и една од негов колега. Една од двете менувачници, „Даскал“, е во сопственост на Марјан Даскаловски, кој исто така бил избран за пратеник во Собранието заедно со Заев, и бил претседател на локалниот огранок на СДСМ. Во случај сумата да не била доволна да се убедат граѓаните, се одело и до таму да се понудат градежни матетријали за градење куќи или пак поврзување на домовите со комуналната инфраструктура. Човекот што бил главен за испазареното поврзување со или исклучување од комуналната инфраструктура, оној што ги контролирал вработените во општината е директорот на ЈП Комуналец-Струмица, Зоран Георгиев“, пишува италијанскиот весник.
Тој, пишува весникот, служејќи се со службените ресурси што му биле на располагање, се заканувал или ги казнувал тие што се двоумеле дали да соработуваат при гласањето, а ги наградувал оние другите.
„Во Македонија Георгиев е познат по тоа што бил шеф на сите изборни кампањи на Заев и дека е сопруг на судијката од судот во Струмица, Лорета Георгиева, која во времето на владеењето на Зоран Заев станува член на Судскиот Совет, институцијата која има задача да го контролира работењето и ефикасноста на македонските судии“, наведува италијанскиот весник.
Според весникот, за случајот се водела истрага во обвинителството во Скопје. Имало сериозни сомневања за тоа дека Зоран Заев како лидер на СДСМ и градоначалник на Струмица и неговиот брат Вице Заев биле дел од мрежа за изборни нерегуларности, но досега не е поведена судска постапка.
Според аналитичарите користени во текстот, тоа што обвинителството во тој период не успеало да го процесуира случајот, би можело да значи и дека имало паралелен договор помеѓу тогашниот премиер Никола Груевски, поранешната високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини и Зоран Заев.
Во врска со пишувањата на „Ла верита“ со реакција се јави СДСМ во која вели дека „изборите во 2014 година се симбол на изборните кражби на ВМРО-ДПМНЕ и почеток на политичката криза која заврши со пад на Груевски“.
– Од објавените материјали јавноста јасно виде како ВМРО-ДПМНЕ правеле изборни кражби, преку штанцање лични карти, кражба на изборни материјали, гласање на починати лица се само дел од изборните нерегуларности кои ги правеше ВМРО-ДПМНЕ во 2014 а за кои јавноста слушна преку „Вистината за Македонија“. Денес, ВМРО-ДПМНЕ преку медиуми блиски до нив, со силни конекции со кадрите на ВМРО-ДПМНЕ како Андреј Лепавцов и Ѓорге Иванов, очајно се обидува да конструира непостоечки случаи – се вели во реакцијата на СДСМ.