Италијанскиот весник „Ла Верита“ денеска пишува и дека Зоран Заев е поставен за премиер со поддршка од еврокомесарката Фредерика Могерини и од Брисел.
„Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева требаше да го гарантира процесот кон ЕУ. Таа ги фаворизираше социјалистите. Нејзината канцеларија е во хаос по обвинувањата за поткуп. Ова е видео од скандалот кој допира до македонскиот премиер, кој беше поддржан од ЕУ и Могерини“, пишува „Ла Верита“.
Во јули годинава, „Ла Верита“ пишуваше и за аферата со тендерот за М-НАВ во која се спомнуваше името на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Италијанскиот весник „Ла Верита“ уште од 15 јануари 2017 објавува текстови во кои се препознаваат партиските ставови на ВМРО-ДПМНЕ.
Весникот на 15 јануари 2017 има објавено интервју со тогашниот македонски министер за надвореши работи во техничката влада Никола Попоски, кој ја промовира операцијата за „десоросоизација“ на Македонија што ја најави експремиерот Никола Груевски непосредно по изборите на 11 декември 2016.
Според информацијата на веб страната на весникот, „Ла верита“ е независен дневен весник со седиште во Милано и дистрибуција низ цела Италија, чиј основач и главен уредник е Маурицио Белпјетро, поранешен уредник на весниците „Џорнале“, „Панорама“, „Либеро“ и „Темпо“. Првиот број излегол на 20 септември 2016, прво излегувал од вторник до недела, а од 2 јули 2018 излегува секој ден.
Онлајн верзијата излегува од 19 март 2018. Уредувачката политика е инспиринана од моделот за либерално новинарство, политички блиско до експремиерот Силвио Берлускони. На 31 октомври, „Ла верита“ го откупи неделникот „Панорама“ од издавачката куќа Мондадори, сопственост на Берлускони.