СДСМ ниту сакаат држава без корупција, ниту имаат намера да донесат квалитетен закон кој е резултат на дебата. Повторно сме сведоци како СДСМ и Владата насилнички и со ставање на европско знаме на предлог закон сакаат да го протуркаат Законот за спречување на корупцијата и судирот за интереси и со тоа да оневозможат дебата за истиот, рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Ане Лашкоска на прес конференција во Собранието.
– По трет пат во собранието го доставуваат истиот предлог закон, најпрвин од страна на Владата, потоа по скратена постапка го предложија пратеници и сега повторно истиот текст го доставува Владата со европско знаменце и по скратена постапка, со што во Собранието имаме два исти закони во процедура. Ова е класичен пример дека власта не сака конструктивност и дебата по однос на законот за антикорупција, за кој толку долго ја замајува јавноста и меѓународната заедница – рече пратеничката.
Лашкоска вели дека власта обвинува дека опозицијата со предложените амандмани го кочи процесот на носење на законот. Според неа, амандманите на ВМРО-ДПМНЕ се суштински и значително го подобруваат законот во насока на поголема професионалност на антикорупциската комисија, зголемување на транспарентноста во работењето и намалување на корупцијата кај носителите на јавни функции во државава – се она за што од петни жили критикуваше СДСМ додека беше во опозиција.
– Ние и за овој закон повторно ќе ги поднесеме амандманите со кои се имплементираат забелешките на ГРЕКО, амандманите со кои ќе се овозможи поголема професионализација на Државната комисија и кои ќе ја намалат корупцијата во државава. Амандманите на ВМРО-ДПМНЕ се од суштинско значење со што би се спречило антикорупциската комисија да се претвори во еден вид партиско тело за реваншизам и пресметки со неистомисленици на власта. ВМРО-ДПМНЕ преку амандманите сака да ја спречи злоупотребата на антикорупциската комисија и да создадеме комисија која што професионално ќе се бори против корупцијата и судирот на интереси во нашето општество – рече Лашкоска.
Таа додаде дека јавноста треба да знае дека СДСМ не сака да донесе закон што ќе ја намали корупцијата во државава, туку дека сакаат закон кој ќе им одговара само нив и со кој ќе си формираат антикорупциска комисија по нивен терк, формирање нов чадор што би им служел за притисок врз политичките неистомисленици, комисија над која Собранието ќе има минимална контрола.
– Апелираме до пратениците од власта да ги прифатат нашите амандмани со што конечно, заеднички, власта и опозицијата ќе донесеме закон кој ќе може да ја спречи и да ја сузбие корупцијата во Македонија – рече пратеничката.