Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, побара извештаи за реализирани проекти во културата за да се види како се трошеле народните пари, на надзорната расправа на Комисијата за култура која се одржа на тема „Културните политики и начинот на донесување на Годишната програма на Македонија за проекти од национален интерес со посебен осврт на реализацијата на програмата за 2018 година“.
– Во насока на добивање на поверодостојна слика за потрошените народни пари при реализацијата на скандалозната програма од 2018 година, на надзорната расправа ги побаравме извештаите за следните реализирани проекти: Здружение за развој „Акта нон верба“ за проектот „Монографија: Албански католички семејства“, поддржана со 600.000 денари, Здружение „Еднакви за сите“ за проектот „Православна крштевка во Македонија“, поддржан со 450.000 денари, Здружение „Дрита АГБ“ за проектот „Албански сунет во Македонија“, поддржан со 500.000 денари, Здружение за култура, спорт и екологија „Солејна“ за проектот „Мал музеј на Зекирија Алија“, поддржан со 600.000 денари, за проектот „Ден на грозјето во Сарај“, поддржан со 550.000 денари – рече Ане Лашкоска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа тврди дека не ги добиле бараните материјали и извештаи иако од Министерството за култура тврдат дека ги доставиле.
– Оттука се јавува сомнеж, кој и зошто ги крие овие извештаи кои што не се од класифициран карактер и што е тоа што не треба да го знае јавноста. Според наши сознанија, се работи за материјали со чија содржина треба да се занимава Државната комисија за спречување на корупција и Основното јавно обвинителство – рече Лашкоска.