Латас ја откри фаталната грешка на Груевски – Никола мораше да го реши спорот за името!

Било какви обиди за оспорување на Преспанскиот договор би биле штетни, а за тие што би се определиле за таква стратегија и фатални, исто толку фатални колку што беше фатална грешката на Груевски за која зборува Латас. Но, не смееме да заборавиме дека целта на  двата сензитивни меѓународни договора што ги склучи владата на Зоран Заев, Преспанскиот и тој со Бугарија, е да се решат споровите кои се испречија на нашиот пат кон НАТО и кон ЕУ, а не  идентитетско обезличување на македонската нација.

26491

Очекувам деновиве Никола Груевски јавно да ги прокоментира интересните и значајни искази на Драган Павловиќ Латас во интервјуто со Горан Момировски на телевизијата Алфа. Пизмата наведува многу луѓе од пропагандата на власта да ја спинуваат Латасовата „дијагноза“ за Груевски и за спорот за името, па како слепци за стап се фаќаат за исказот на Латас кој се однесува на можноста во некое неодредено идно време, кога ќе се создадат поволни надворешни и внатрешни околности, нашата земја да го врати своето „старо“ име, Република Македонија. На оваа тема, прилично нејасно и површно, зборуваат и фронтмените на ВМРО-ДПМНЕ, а власта тоа го користи како можност да го обвини лидерот Христијан Мицковски дека се спрема за поткопување на Преспанскиот договор.

Се разбира, сфаќам дека секој има свој (предизборен) есап и е одговорен за сопствените изјави. Мене тоа навистина не ме засега. Наспроти есапите и спиновите, јас знам дека вистината е многу едноставна – Преспанскиот договор, а со тоа и новото службено име на нашата земја, ќе бидат „силни“ толку колку што ќе бидат силни, актуелни и остварливи мотивите и целите поради кои владата во Скопје го склучи тој договор. Членството во НАТО и во ЕУ и придобивките од евроатлантскиот процес, договорот ќе го одржуваат во живот. Обратно, пречките на тој пат ќе го поткопуваат, создавајќи чувство кај луѓето дека е направен пазар од кој Македонија не добива ништо. Незгодата е и во тоа што со или без овој договор, нашата евроатлантска иднина не зависи само од нашите власти. Сосема е веројатно дека така ќе биде и во иднина и дека врз тој процес битно ќе влијаат многу фактори – интерните проблеми на НАТО и на ЕУ, нашите лабилни односи со соседите, а секако и внатрешните состојби во Македонија.

Ревизија на наративот за „одбраната на името“ – конечно!

Но, да се вратиме на исказот на Латас. Суштината на тој исказ е тезата дека поранешниот премиер Никола Груевски направил грешка кога го отфрлил експлицитното барањето на нашиот стратешки партнер САД тогашната влада во Скопје да го прифати компромисното име Република Северна Македонија. Латас спомнува една клучна средба на Груевски со државната секретарка Хилари Клинтон, а јас имам слушнато за најмалку три зрели прилики за компромисно решение на спорот, во периодот меѓу 2008 и 2012 година. Детално елаборирајќи геостратешки околности, Латас за Алфа изјави дека тоа било грешка на Груевски, бидејќи на тој начин не смее да се разговара со земјата која е наш стратешки партнер (САД). Ако не се лажам, ова тврдење е првата сериозна јавна ревизија на досегашниот упорен наратив на ВМРО-ДПМНЕ, според кој поранешниот лидер Груевски постапувал исправно „бранејќи“ го името.

Да, можеме сега да поставуваме многубројни прашања за тоа кој за што се залагал и кој што го предупредувал Груевски во тие клучни години (2008-2012). Можеме да го прашаме Латас зошто во она време јавно не се заложил Никола да не се конфронтира со нашиот стратешки партнер и да прифати компромис со Грците. Јас би можел дополнително да прашам зошто провладините медиуми во тоа време ме прогласуваа за „предавник“ и за „грчки платеник“, ако веќе постоела свест во опкружувањето на Груевски дека компромисот сепак е спасоносна идеја. Но, нема голема смисла да се расправа за лански снег. Вистинското прашање за кое вреди да се разговара денес, всушност, е зошто токму во овој момент, во пресрет на кампањата за парламентарните избори, Латас ја пласира оваа точна теза.

Станува збор за влијателен новинар, силен поддржувач на поранешниот режим, човек кој имаше многу блиска комуникација и со Никола Груевски и со сите важни луѓе околу лидерот. Тој и денес отворено ја поддржува опозициската ВМРО-ДПМНЕ и верува во сигурна победа на Христијан Мицковски на изборите. Можеби грешам, но јас исказот на Латас го разбирам како јасна порака до ВМРО-ДПМНЕ овој пат партијата да не ризикува нов конфликт со САД и како многу прецизен став дека желбата на гласачкото тело на оваа партија за „враќање на името“ сепак мора да се сообрази со политичките и со геостратешките околности, а не да зависи од хировите на некои авантуристи кои на опозицијата можат да ѝ нанесат само непотребна штета пред судбоносното одмерување на силите на 12 април.

Единствени како Косоварите? Богами тешко, а и непотребно!

За разлика од Латас, кој верува дека Македонците, како и Косоварите и Бугарите, на пример, треба да се обединат околу една голема идеја (во случајов, една нова долготрајна „борба за името“), јас лично не верувам ниту во можноста оваа нација во скоро време да се обедини околу било каква „мегали идеја“, а богами ни во потребата од такво нешто. Еве, да бидам и јас прецизен – било какви обиди за оспорување на Преспанскиот договор би биле штетни, а за тие што би се определиле за таква стратегија и фатални, исто толку фатални колку што беше фатална грешката на Груевски за која зборува Латас.

Но, истовремено, треба да бидеме свесни за ноторниот факт дека имплементацијата на двата сензитивни меѓународни договора што ги склучи владата на Зоран Заев, Преспанскиот и тој со Бугарија, мора да тече точно според словото во договорите, во рамките на предвидените динамики и со разбирање на целта и на „духот“ на овие акти – тие се склучени за да се решат споровите кои се испречија на нашиот пат кон НАТО и кон ЕУ, но не и за идентитетско обезличување на македонската нација. И тука не може да има компромиси со антимакедонизмот кој повеќе или помалку отворено се пројавува во поттекстот на некои разбирања на значењето на овие договори (зборувам за антимакедонизмот кај некои структури во Скопје првенствено, кој евидентно постои дури и во јавниот дискурс, што за мене отсекогаш било и грдо и шокантно).

Не знам на што точно мисли Латас кога зборува за единство на нацијата, споредувајќи го со единствата постигнати во околните земји. Искрено, мене не ми се допаѓа да бидеме единствени околу некоја кауза, на начин како што тоа беа Косоварите, на пример, без оглед што тие ја постигнаа целта и создадоа нова држава на Балканот. Наместо тоа, јас мислам дека има простор да се разбереме што навистина значи едно толку потребно единство во намерата да ги доградиме атрибутите на нашата национална самобитност и во таа смисла, апелирам политичките елити да отворат дијалог на таа тема.

Да се обединиме, ама за што?

Што сакам да кажам? Еве, ќе се обидам да ја елаборирам тезата со конкретни примери. Грижата за македонскиот јазик, на пример, е тема за која мора да постигнеме политичко единство. Обновата на девастираните државни институции, исто така – нема нација без држава, нема држава без функционални и здрави институции. Во поширока смисла на зборот, доброто владеење и борбата против криминалот и корупцијата исто така се клучни вредности околу кои нацијата мора да се обедини. А да не зборувам за јакнењето на економијата и за прашањето кое, според мене, е најболно: нацијата губи во супстанца, секојдневно Македонија ја напуштаат млади, работоспособни и амбициозни луѓе. Накусо, има многу полиња за мегдан, многу начини одговорните политичари да се потрудат да најдат заеднички јазик за промени и за суштински реформи и така да ја намалат конфликтноста во општеството.

Сепак, не сум оптимист дека ќе успееме. Јас веќе јавно се изјаснив дека на овие избори ќе гласам за промени и за реформи, или, ако никој уверливо не навестува такво нешто, тогаш воопшто нема да гласам. Но, тоа не е повик на бојкот. Напротив, мојот став е активен и тој изразува енергично неприфаќање да се подари еден глас на некадарници. Тоа може да се сфати само како мотив за сериозна понуда, а не причина за безобразна осуда. А зошто, ве молам, да нема промени? Дали сме толку многу задоволни од она што го видовме во десетте години на Груевски и во трите на Заев, што одбиваме секаква помисла дека „правиот пат“ можеби и не е рута на која веќе сме, туку траса што се уште ја бараме?

Не знам, почитувани читатели, можеби во мене е проблемот. Можеби мене лично премногу ме погодува оваа пизма и оваа нечоештина со која сме опкружени и отруени, но жалам, морам да бидам искрен и да ви кажам дека засега барем, таква енергија за обединување во идејата да се промениме себеси и да го промениме општеството, јас едноставно не гледам. Кој гледа, нека си се радува.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...