Новинарот Драган Павловиќ Латас може да се спаси од гонење во случајот „Тотал“ каде е обвинет за даночно затајување, посочуваат граѓанските организации од проектот „За правда“.
За делото „даночно затајување“ е предвидена казна затвор од најмалку четири години, но со измените во Кривичниот законик се додава нов член „даночна измама“ за кој казната е од шест месеци до три години затвор. Ако СЈО направи преквалификација на делото, како што посочија од граѓанските организации, даночното затајување до 2013 година за кое се гони Латас ќе отпадне, а ќе се гони само за периодот од 2013-2015.
Драган Павловиќ-Латас е на обвинителната клупа за предметот „Тотал“ зато што, според СЈО, давал лажни податоци во завршните сметки и даночните пријави при што преку правните лица „Тотал маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал медија центар” и „Медијамакс” затаил данок во износ од 7.466.981 денар или 121.414 евра, а лично како физичко лице затаил 3.876.471 денар или 63.032 евра.