Далај Лама се извини за контроверзните коментари за евентуален женски наследник, јави Би-Би-Си.
Имено, минатиот месец тибетскиот лидер во интервјуто за Би-Би-Си рече дека секоја идна женска Далај Лама треба да биде „привлечна”.
– Ако наследникот на Далај Лама е жена, тогаш таа мора да биде привлечна, инаку луѓето нема да сакаат да го гледаат нејзиното лице – изјави Далај Лама за Би-Би-Си.
Откако новинарката на Би-Би-Си го праша дали не важно каков човек е некој, тој одговори дека се важни и двете, и карактерот и изгледот.
Официјални претставници на Далај Лама набрзо се извинија за неговата изјава, сугерирајќи дека само се шегувал.
– Многу му е жал што повредил многу со неговата изјава. Тој искрено се извинува – се вели во соопштението.
Далај Лама „ја разбира контрадикторноста меѓу материјалистичкиот, глобализираниот свет со кој се соочува за време на своите патувања и комплексните идеи за реинкарнацијата, која се наоѓа во срцето на тибетската будистичка традиција”, се вели во соопштението.
– Но понекогаш се случува некоја забелешка што може да звучи хумористично во културен контекст, да звучи навредливо во друг. Навистина му е жал ако некого навредил – се вели во соопштението, додавајќи дека во текот на целиот негов живот, Далај Лама се спротивставувал на објективизацијата на жените и ја поддржа родовата еднаквост.
ФОТО: МИА