Сведокот Лазаревски тврди дека биле прислушувани и сопругата и братот на Мијалков

63

На 26 декември со вкрстено испрашување на сведокот Ѓорѓи Лазаревски треба да продолжи рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство во кој  обвинети се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Денеска Лазаревски на прашања на  обвинителот на СЈО, Артан Ајро рече дека постоеле два таргета, едниот бил Влатко Мијалков – брат на Сашо Мијалков, а вториот Александра Мијалкова, сопруга на Сашо Мијалков

Одговарајќи на прашање за форматот на фајловите кои ги предавал на Зоран Верушевски, сведокот рече направил софтвер што ги чита Мета податоците во „X-ML” формат што содржи тагови кои определуваат битни содржини за одредена комуникација. Со таа активност бил добиен бројот на таргетот и времетраењето на комуникацијата.

Пред да му ги даде на Верушевски, како што рече Лазаревски, дополнително ги систематизирал податоците, односно го бришел само префиксот на државата и во табелите останувале само броеви од телефонските оператори.

Лазаревски рече дека при копирањето на логовите од системот не се остава трага, бидејќи копирањето било направено дирекно од диск. Пред судот кажа дека на Верушевски му предал околу 800 гигабајти материјали.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...