Ѓорѓи Лазаревски кој заедно со Звонко Костовски ги извадија бомбите од УБК и благодарение на нив се откри аферата со прислушувањето, е првиот сведок во судскиот процес за предметот Таргет-Тврдина на СЈО.
Во денешниот исказ пред судот тој кажа дека за првпат во Министерството за внатрешни работи се вработил во времето на министерот Јордан Мијалков. Потоа рече тој, следувале постојани унапредување се до 2006 година кога за директор на УБК бил поставен Сашо Мијалков кој го деградирал на ниво на почетник односно на аналитичарско место.
Негов претпоставен му бил Небојша Стајковиќ, а на него пак обвинетиот Горан Грујевски.
Грујевски, рече сведокот, му бил неформален раководител односно работел по негови наредби, иако формално не припаѓал кај него и постојано му вршел мобинг.
– Во моментот кога јас бев разрешен не постоеше закон за следење на комуникации а уставната забрана за следење на комуникаци штотуку беше укината и беше овозможено да се направи закон. Во тој момент системот функционираше исклучиво со одлука на директорот на УБК во координација со министерот за внатрешни работи. Информациите кои на тој начин се добиваа беа третирани како оперативни информации кои оперативните служби ги добиле од терен и имаше задолжено луѓе кои на повик добиваа некој неформален документ потпишан од директорот и врз основа на тој документ вклучуваа и исклучуваа од системот – рече Лазаревски.
По деградирањето од началник на Петтата управа тој работел на систем кој бил сместен во иста просторија со старата израелска опрема за прислушување која се користела до крајот на 2008.
– Првата година од моето разрешување од 15 септември 2006 воопшто не го ни погледнував системот бидејќи сакав да се докажам на новото работно место иако не беше соодветно. Верував дека системот за следење на комуникациите нема да се злоупотреби. Потоа добив индикации дека таа самоконтрола која треба да ја имаат раководителите е попуштена и почна да ме копа да сфатам до кој степен е отидено. Почнав да размислувам како би можело да се дојде до сознанија што има во системот – раскажа Лазаревски.
Тој рече дека идејата ја реализирал пред крајот на 2008 година односно пред да се извади од употреба старата опрема за следење. На прашање да појасни за индициите сведокот рече дека често бил во друштво на луѓето кои го одржувале системот за следење, па приметувал чудно реакции во неврзани разговори, а и амбиентот, како што рече, му индицирал дека нешто се случува.
– Искористив можност да се закачам на мрежен кабел кој беше поврзан со системот за следење кој се наоѓаше позади параванот. Се обидов со пасвордот кој од порано го знаев како началник да влезам во системот и успеав. Веднаш отидов во делот каде се чуваат логови за активностите на системот и добив во текстуална форма податоци кои требаше да се обработат но ги содржеа сите информации, кој репродуцер на кој таргет му има пристап. Таргет е всушност телефонски број кој е поврзан со име. Тие податоци прецизно укажуваа во колку часот одреден репродуцер пристапил до таргетите – рече Лазаревски.
Тој, како што кажа обвинителот на СЈО Трајче Прливанов, е еден од најважните сведоци во овој судски процес. Неговиот исказ пред обвинителите во СЈО траел неколку дена, вкупно 30 часа зборувал а записот што кажал тогаш е направен на дури 36 страници.
.