Лазаревски за 5 минути ги преснимил „бомбите“ од УБК

971

Свиркачот од МВР, Ѓорѓи Лазаревски, на денешното рочиште во „Таргет-Тврдина“ зборуваше за тоа како влегол во просторијата во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од која ги зел податоците во која зад параван бил системот за гранична контрола, за кој тој бил задолжен.

– Се снима таа просторија, неприметно требаше да извлечам мрежен кабел и мојата подготовка повеќе беше психолошка. Кога можев да го направам тоа, го сторив за пет минути. Го внесов пасвордот и ги ископирав логовите. Копирањето на посочените логови беше единственото нешто кое го направив – рече тој.

Тој во просторијата влегол во 2008 година со употреба на главниот администратор во системот за да ги земе потребните логови. На прашање дали таа просторија навистина била непријатна со камери и слично, свиркачот одговори дека имало клима уред, а тој се однесувал и како да има камери, иако не бил сигурен дали во тоа време ги имало.

Во Кривичниот суд Лазаревски одговара на вкрстени прашања од одбраната. Право да го испрашуваат имаат и адвокатите и обвинетите меѓу кои се и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков.

Лазаревски е само првиот сведок во судскиот процес за масовното прислушување, а на претходните рочишта тој сведочеше одговарајќи на прашањата на обвинителите од Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Во предметот „Таргет-Тврдина“ покрај Јанкулоска и Мијалков, обвинети се и бегалците Горан Грујевски, кој беше началник на Петтата управа во МВР, и Никола Бошкоски, негов заменик-началник, како и шефот на кабинет на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт на СЈО, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Пред да бидат издадени судски наредби и по завршување на траењето на нивната важност, пак, биле следени 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...