Лажни наградни игри се појавуваат на социјалните мрежи со цел да ги измамат граѓаните да ги остават своите лични податоци. Тие потоа се злоупотребуваат за различни цели. Понекогаш станува збор за игри на кои сами треба да се пријавите, а во други случаи, лица добиваат пораки во кои се вели оти се добитници на некоја награда, а за да ја подигнат, потребни се нивни податоци.
Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека ваквите измами не се мит, со кој треба да се исплашат луѓето за да не учествуваат на интернет игри.
– Овој месец имаме добиено известување од одговорно лице во голем маркет дека е креирана лажна страна со наградна игра во нивно име на Фејсбук и дека е поднесено барање до социјалната мрежа да се отстрани страната. Таа по неколку дена е отстранета. Пред еден месец, одговорното лице нѐ извести за креирана лажна наградна игра во нивно име, каде пораките на луѓето им пристигнуваат преку апликацијата Вибер на мобилен телефон – рекоа за Плусинфо од МВР.
Оттаму додаваат дека и претходно граѓаните се соочувале со вакви проблеми.
– Во 2018 година имаме добиено пријави за вакви фишинг страни (лажни веб страни и лажни наградни игри) од повеќе физички лица, како и од правни лица – поголеми маркети, за креирани лажни наградни игри во нивно име. Целта на овие фишинг страни е да се прибават поголем број лични податоци на лица, како и податоци од платежни картички, со цел потоа да бидат на некаков начин злоупотребени – појаснија од МВР.
Плусинфо и претходно пишуваше за измамите кои се случуваат со денешната технологија. Лица кои пазарувале онлајн се пожалија оти парите на нивните картички ги снемувало, а потоа им било кажувано дека купувале работи за кои тие никогаш не слушнале. Овие измами се случуваат во сите сфери на онлајн пазарот, од купување гардероба, мебел, миленичиња, па сѐ до лекови и апчиња за слабеење.
Има и такви, „посреќни“, на кои на домашна адреса им стигнала пратка, но станувало збор за износена облека, а не нова каква што ја гледале на фотографија претходно. Искинати патики, расипани апарати.
– Ми беше страв да почнам да пазарувам на интернет. Но тогаш видов една од моите омилени книги во Србија. За жал, немаше никој кој можеше да ми ја купи, а бев и нетрпелив да ја прочитам. Ја порачав и чекав со недели да ми пристигне. Неколку пати ѕвонев, тврдеа дека ја пратиле и дека најверојатно станувало збор за грешка и дека книгата се изгубила некаде по пат. Ми пратија друга книга, за среќа стануваше збор за сериозна компанија. Сепак, стравот кој го искусив ми го одзеде здравјето. Ако се прашувам јас, не вреди. Сум слушал оти некои производи никогаш не стигнуваат до нарачателите. Едни се сомневаат дека некој си ги зел за себе, други оти завршиле на погрешна адреса – вели соговорник на Плусинфо.
За онлајн измамите зборуваат и јутјубери и други идоли на младите. Тие советуваат добро да ги прегледуваат сопствените финансии.
Сите лица треба да внимаваат кога станува збор за давање на своите лични податоци. Треба добро да се информираат за што аплицираат или се пријавуваат на интернет, пред да биде предоцна.