Лажни вести за големи политички договори во Боровец  

Во центарот на вниманието на парапорталите е кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев, кој навистина е во Боровец, но и Вице Заев, кој како и лани, е во Банско. Нашите „пулицер-овци“ сепак успеаја да ги спојат на една фотографија.  

3926

Една ланска фотографија, на која се гледаат кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев и Вице Заев, братот на премиерот Заев, деновиве е хит на парапорталите, кои откриваат неверојатни сознанија за „помирување“ и нови „сојузништва“ меѓу македонските политичари, феномен кој наводно се случува во бугарскиот скијачки центар Боровец.

Фотографијата е снимена лани во Банско на случајна средба меѓу Јанчев и Вице Заев

Прозван, градоначалникот Јанчев за „Фокус“ мораше да објасни дека фотката потекнува од лани, од Банско, од случајна средба меѓу него и Заев. Во свој стил, Јанчев опуштено објаснува дека политичките разлики не се причина луѓето меѓусебно да не се дружат.

Збрката настанала од таму што нашите „пулицер-овци“ некако разбрале дека Јанчев е во Боровец и веднаш претпоставиле дека во хотелот „Рила“ се одржува некаков помирувачки самит или нешто слично. А работата е банална.

Деновиве зимскиот центар Боровец е Македонија во мало. Да, тука е и Јанчев. Тука има и познати фаци од ВМРО-ДПМНЕ, но и од СДСМ. Тука има професори, лекари, интелектуалци, многу обични луѓе од Македонија. А непишано правило е во Боровец навечер да се намине во хотелот „Рила“ и во околните кафеани.

Едноставно, луѓето се поздравуваат, се дружат, прават муабети. Градоначалникот Јанчев можеби малку повеќе од другите, затоа што е муабетчија (кавадарчанец, де), а освен тоа и не скија. Ете, тоа е целата, банална вистина околу дружбите во Боровец.

И секако, тоа е и вистината за ширењето на лажните вести во Македонија, поттикнати од центри на политичка (не)моќ, кои мислат дека на таков начин нешто постигнуваат. Освен што се глупираат.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...