Од референдумот не делат уште три дена. Лажните патриоти прават очајнички напори да влијаат на нас за да не излегуваме на референдум. Лажат дека ќе сме го изгубеле идентитетот, дека договорот со Република Грција бил капитулантски, дека претставувал самоубиство за нас, дека ќе не снемало од географската карта и т.н. Лажат, лажат, упорно лажат, без срам и перде. Лажат, но нема да не прелажат.
Драги мои, актуелното уставно име на Републикава е Република Македонија. Во ООН таа е регистрирана како Поранешна Југословенска Република Македонија. И покрај тоа што голем број држави ја признаа под уставното име, во меѓународната комуникација го употребуваат ова второво, со додавка или едноставно кажано презиме „Поранешна Југословенска.“ Југославија не постои веќе 26 години. Може ли Македонија да биде југословенска, макар и поранешна. Може ли таа да се именува како членка на држава која веќе не постои. Апсурд, очигледно. Со имплементацијата на договорот со Република Грција чие заклучување го поздрави и подржа меѓународната заедница, таа ќе добие име кое навистина и одговара „Република Северна Македонија,“ Ова име и одговара затоа што е лоцирана на северниот дел од географскиот простор на Македонија, како третина од него. Јужниот дел, или половината од тој простор (Егејска Македонија), по балканските војни и припаднал на Република Грција. Југоисточниот дел или – 15% од македонскиот географски простор (Пиринска Македонија) и припаднал на Република Бугарија. Тоа значи дека сегашнава Република Македонија навистина е Северна, не е ни јужна, ни источна ни западна, туку само северна.
Две третини од географскиот простор на Македонија се во Европската Унија и во НАТО. Една третина од него, нашиов, северниов дел, е надвор од нив. Услов за членство во овие асоцијации беше решавањето на проблемот со името со Република Грција чии националисти не сакаа, и се уште не сакаат, да ги слушнат зборовите Македонија и Македонци кога станува збор за нашава држава и за нас Македонците како народ. Европски и прогресивно настроената влада на премиерот Ципрас најде сила и храброст да им се спротивстави и заедно со актуелнава наша влада да го реши тој проблем на компромисен начин, со географската одредница “Северна“ меѓу зборовите „Република“ и „Македонија“. Така се доби новото договорено име на Републикава “Република Северна Македонија“
Според членот 7 став 3, во врска состав 1 од Спогодбата (договорот), термините “Македонија и „македонски“ ќе ги означуваат територијата на нашава Република, нашиов јазик, нашата култура и нивните одлики со нивната сопствена историја и историско наследство. Значи татковинава и понатаму останува Република, и понатаму и останува нејзиното име Македонија, но само со додавката меѓу овие два збора -„Северна.“
Е кога сме кај додавката – „презимето“ ќе ве прашам драги мои: Нашите млади госпоѓици, кога се омажат и станат госпоѓи, па на своето презиме си го додаваат и презимето на сопругот, го губат ли идентитетот? Не го губат, се разбира. Го изгубија ли идентитетот нашите сопруги кои се откажаа од своите момински презимиња и ги зедоа нашите? Не го изгубија. Трајанка Трпевска, по мажачката стана Трајанка Стојановска. Сите си ја знаат како Трајанка со нејзините лични граѓанско правни атрибути: лично име, датум година и место на раѓање, живеалиште, државјанство, како и стечени атрибути: физички изглед, завршено образование, занимање, работен статус, и сл.
Да ги оставиме нашите млади дами, драги пријатели. Одиме кај народите и државите. Во далечната 1903 година кога Крсте Петков Мисирков ја напиша книгата „За македонцките работи“, имавме ли држава? Немавме. Имавме ли национален идентитет „Македонци?“ Имавме. Потоа, како што знаете, следеа уште четириесет година на борба, докажување и самодокажување. Го изгубивме ли идентитетот? Не го изгубивме. Не само што не го изгубивме, туку и го зајакнавме и добивме своја сопствена држава во рамките на југословенската федерација. На осми септември 1991 година таа држава стана самостојна, независна Република Македонија, која за жал “патриотите“ упорно ја туркаат во изолација, а со тоа и во небиднина. Но нема да им успее. Светот се обединува. Со нивните лаги и манипулации тие одат против струјата на животот, против природните закони, против општествените закони кои истовремено се и природни. Општеството е дел од природата.
Да не се оддалечуваме од темава. Да ги земеме, пред се, за пример Ромите. Растурени се по цел свет. Немаат држава. Имаат ли национален идентитет? Имаат, се разбира. Имаат свој јазик, свое писмо, своја култура, свои обичаи; имаат истакнати уметници, музичари, писатели, научници и т.н. Го губат ли идентитетот. Не драги мои, туку го јакнат.
Одиме понатаму, Во Европа и светот има народи кои живеат на определени географски простори, но немаат свои држави. Во Шпанија ги имаме Каталонците и Баските, Во Франција – Корзиканците, Во Велика Британија – Шкотланѓаните, во Швајцарија – Ротороманите, во Германија – Лужичките Срби и т.н. Надвор од Европа најпознати ни се Курдите, Палестинците, Тибетанците и т.н. Ни еден од овие народи немаат свои држави, но си имаат свој национален идентитет со сите негови обележја кој си го зацврстуваат. Неки од нив, како Каталонците, Баските, Курдите, Палестинците се борат за свои национални држави и со таа борба уште повеќе си го зацврстуваат својот идентитет.
Според нашите „патриоти“ ние, со сопствена држава, призната од сите, со конечно признат јазик, со признати национални особености, ќе сме го изгубеле идентитетот. Лаги. Лаги со опашки, како што велат некои од нас. Лаги кои не навредуваат сите нас како луѓе кои размислуваат со здрав разум, а не дебили кои примаат здраво за готово се што ќе им се каже.
Лажат, лажат и упорно лажат, лажните патриоти и слуги на поранешната арамиска власт од редовите на политичарите, уметниците, универзитетските професори, поранешните амбасадори и други. Лажат и тврдат дека и тие сакаат Републикава да стане членка на ЕУ и НАТО; дека можеле да направат подобар договор со Грција и што уште н е. Единаесет години беа на власт. Зошто не го направија, ако можеле? Лажат драги пријатели. Лажат за да го спречат нашиот од кон ЕУ и НАТО. Тие не сакаат земјава да биде членка на ЕУ и НАТО. Знаат дека, ако тоа се случи, ќе бидат контролирани од Европските институции и дека не ќе можат незаситно да не ограбуваат, како што не ограбуваа додека беа на власт. Лажат за да издејствуваат амнестија од кривичното гонење за нивните газди кои добро ги плаќаа и се уште ги плаќаат. Лажат надевајќи се дека ако референдумот не успее пак ќе дојдат на власт. Тоа отворено го кажуваат. Лажат за да си ги повратат позициите и привилегиите и да се изборат за уште повисоки и поголеми и да продолжат да не ограбуваат со помош на механизмите на државата.
Некои од нив, покрај високите плати кои ги примале на работните места, за време на владеењето на арамиската гарнитура, биле членови на уште седум, осум управни одбори во јавните претпријатија и месечно примале по осум, девет илјади евра – пари колку што изнесува четворогодишната плата или пензија на повеќето од нас. Да не зборуваме за тендерите со кои остварувале „печалби“ од десетици илјади, стотици илјади, па и милиони евра. Други од нив си ги беа наместиле синчињата на директорски позиции за плати од три до четири илјади евра, а и самите си обезбедиле вносни советнички примања во владата на Грујота. Лажат за парите што ги примаат за нивните лаги од најбогатата партија во Европа и од руските тајкуни. Иднината на татковината нив на ги интересира. Тие и неа би ја продале за пари.
„Патриотите“ лажат. Нека лажат. Нема да на е прелажат. Нема да не прелажат лажните патриоти на кои парите им се единствената цел и смисла на животот, а татковината – државата инструмент за грабеж и лично богатење. Нема да не прелажат тие на кои никогаш не им ги запекла очите потта работејќи по нивите на македонските житни, градинарски и тутунски полиња, на температура од 37 до 40 степени над нулата измерени во сенка. Нема да не прелажат тие кои што никогаш не ги печело сонцето по градбите и каменоломите, работејќи за мизерни плати; тие кои што не се капеле во пот помешана со прашина вежбајќи со војниците по криволачките ридови. Нема да не прелажат тие кои што секојдневно не возеле и не се возеле по македонските издупчени и крпени патишта, тие кои што никогаш не стоеле по пазарските тезги, под настрешници на температура меѓу 45 и 50 степени над нулата, во лето и минус 10 до 15 степени под нулата во зима. Нема да не прелажат тие што никогаш не виделе како се работи во пренатрупани и прашливи канцеларии на државната администрација, ни тие кои што никогаш не дежурале по болниците трчајќи по цела ноќ и пружајќи им помош на изнемоштените пациенти, без надоместок за дежурство. Нема да не прелажат тие кои што не почувствувале како изгледа седење по цел ден над машината за шиење во текстилна фабрика, со ограничени можности за обавување на физиолошките потреби (често и со пелени меѓу нозете) за месечна плата од стотина и нешто евра. Нема да не прелажат тие кои што не дежурале по касарните, ноќе и за време на викенди или во денови на државни празници ,без платено дежурство. Нема да не прелажат тие кои што не го слушнале фијукот на куршумите испалени од криминалци и одметници, тие на кои што не им умирале на рака, облеани во крв, нивните најдобри другари, погодени од куршумите на одметниците. Нема да не прелажат тие кои што не почнале да го заработуваат лебот на деветгодишна возраст чувајќи говеда или работејќи по нивите или на тезгите, а учејќи ноќе на светлото на петролејката и т.н.
Ние постарите генерации видовме како изгледа да се живее во сојуз со други народи. Во Југославија која беше Европа во мало, живеевме убаво, среќно слободно со добри плати, со сигурна работа и заработувачка. Пред нас е Европа на големо која не чека. Нема да им дозволиме на слугите на арамиите да не држат изолирани во македонскава “волкоебина“ која ја створија нивните газди за време на единаесетгодишното владеење. Одиме на патот кон ЕУ и НАТО. Резултатите се гледаат. Проблеми има и ќе ги има. Но ќе ги решаваме и ќе ги решиме.
До година ќе влеземе во НАТО, а за пет, шест години, можеби и нешто порано, и во ЕУ. Заедно со другите народи на големото европско семејство на народите ќе живееме во Европската унија, според европски стандарди во сите области на општествениот живот. Ќе живееме во сојуз на држави во кој што се почитуваат човековите права, во кој што се плаќа секој цент за вложениот труд, во кој што има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребите на власта. Ќе живееме поубаво и посреќно.