Куќата и нивата на Села не се доволни за Абдулфета Алими да излезе од притвор

Абуделфета Алими е еден од 30-те обвинети за „крвавиот четврток“ лани во Собранието, каде тој беше како дел од собраниското обезбедување. Од друга страна, тој го евакуирал по лидерот на Алијансата на Албанците од приземјето до канцеларија на третиот кат, а потоа учествувал и во неговото изнесување од Собранието до полициското возило со кое Села бил пренесен во болница.

1659

Куќата и нивата во струшкото село Ливада на лидерот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, не се доволна гаранција за Абдулфета Алими – обвинет за 27 април, да излезе од притвор и да се брани од слобода.

Приложената гаранција од Села, според информациите од Основниот суд Скопје 1, кривичниот совет ја одбил, решението сѐ уште не е правосилно бидејќи одбраната има право на жалба до Апелациониот суд во Скопје.

Од одбраната очекувано најавуваат дека ќе го искористат тоа право и ќе се жалат до второстепениот суд.

Абуделфета Алими е еден од 30-те обвинети за „крвавиот четврток“ лани во Собранието, каде тој беше како дел од собраниското обезбедување. Од друга страна, пак, тој е еден од спасувачите на Села кој беше крвнички претепан, најпрво во прес-салата, а потоа изнесен од таму до бифето на приземјето во собраниската зграда. На 27 април, Алими го евакуирал по лидерот на Алијансата на Албанците од приземјето до канцеларија на третиот кат, а потоа учествувал и во неговото изнесување од Собранието до полициското возило со кое Села бил пренесен во болница.

На Алими првпат му беше определен притвор во декември 2017 година. За да излезе од таму и да се брани од слобода, прво неговото семејство како гаранција ја даде семејната куќа во селото Оризари во Општина Липково. Откако тоа беше одбиено, Села ја дополни гаранцијата со неговата куќа и нива во Ливада.

По Села и неговиот сопартиец Кренар Лога се приклучи во понудената кауција со неговата куќа во Струга со што била достигната потребната сума.

Инаку, Алими беше еден од сведоците кои ги предложи обвинителството во судскиот случај за обидот за убиство на Зијан Села во кој првично беа обвинети  10 лица, а вчера еден од нив – Сашо Сенков, беше ослободен од обвинение.

Во судница Алими сведочеше за тоа што го видел во прес салата во Собранието ноќта на 27 април и за тоа како го спасувале по лидерот на Алијансата.

– Се маваше со сѐ и сешто, се бараше шиптарска крв. Овие зборови доаѓаа од толпата – раскажуваше Алими за атмосферата во прес-салата.

Таму тој кажа дека се задржал 10-15 минути и додека бил таму Села сѐ уште бил во групата пратеници кои се наоѓаа во аголот од просторијата. Членот на обезбедувањето рече дека повторно го видел по лидерот на Алијансата дури откако тој од прес-салата низ собраниските ходници беше однесен на приземјето кај бифето.

– Во бифето не знаевме што да правиме. Се гледаше од лицата на тие кои беа таму дека никој нема смелост да го земе Села, да го извади од таму и да го прикрие. И’ кажав на колешката дека ќе го земам и ќе го носам горе по помошните скали. Не можев сам, па ѝ реков на колешката да помогне некој и дојде еден дечко. Села ме праша на македонски, каде го носиме и му реков дека е во сигурни раце. На вториот кат кога се качив слушнав дека некој рече оти не е завршена работата со Села. Ова доаѓаше од гаражата. Отидовме на трети кат каде беше отворена една канцеларија, влеговме внатре. Прво, го ставивме Села под маса. Ме праша каде е, и дури тогаш му одговорив на албански да не се секира и оти јас сум Фета од обезбедувањето. Земав салфети да го избришам. Потоа гледавме како да избегаме од таму за да се спасиме – сведочеше Алими.

Тој раскажа и како го евакуирале по Села откако дошле пратеникот Влатко Ѓорчев, а потоа и полицајците. Му ставиле полициска легитимација и капа, па го изнеле викајќи дека е повреден полицаец. Со оклопно полициско возило го однеле во државна болница.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...