Една 45-годишна жена била брутално нападната и убиена во парк за дресирање на кучиња од нејзиното куче од белгиско-овчарската раса „малинуа“, соопштија швајцарските судски власти, јавува дописникот на МИА.
Швајцарските власти отворија истрага за да се утврдат околностите на оваа трагедија. Полицијата по повик во вторникот го пронашла безживотното тело на оваа жена во центарот за дресирање во Оборанж, во западниот дел на Швајцарија. Нејзиното куче, очигледно многу агресивно, било до неа и нападнало и каснало полицајка, пред да биде убиено од друг полицаец.
„Првите констатации по обдукцијата укажуваат дека смртта се случила со крварење и дека е предизвикана од повеќекратни и сериозни повреди на нивото на горните екстремитети предизвикани од кучето“ се наведува во соопштението од заменик-јавниот обвинител на кантонот од Фрибург.
Истрагите, особено медицинските, сè уште се во тек во обид да се утврдат точните околности на трагедијата.
Паралелно со оваа трагедија, во Франција, сопругот на бремената жена Елиза Пиларски, која беше убиена од кучиња на 16 ноември 2019, најави дека ќе ангажира адвокати за да ги спаси неговите кучиња кои се ставени во шинтерската служба и најверојатно ќе бидат евтаназирани. Тој упорно тврди дека неговите кучиња не се виновни, но поради тоа што се наоѓаат затворени, тие најверојатно го промениле однесувањето и по најавената евалуација ги чека сигурна смрт.
Неговата сопруга тргнала да го прошета нејзиното куче, по што тој ја нашол мртва и искасана од кучиња, откако таа го контактирала во паника и му кажала дека е нападната од кучињата.
Истовремено во шумата Рец, крај Сан Пјер-Егл, се одвивал и лов со кучиња во кои биле вклучени 62 ловечки кучиња, врз сите овие кучиња, како и на пет кучиња на брачната двојка била извршена ДНК анализа. Истрагата за овој случај и понатаму е во тек.