Тоа е тоа, другарки и другарчиња.
Средбата Меркел – Заев помина точно според моите и според очекувањата на многу разумни и информирани луѓе во Скопје. Без непотребна драма, без нови изненадувачки информации, без пресврт во ставот на германската канцеларка. Беше премногу несериозно да се очекува било што друго.
Како што напишав и вчера, јас мислам дека Македонија е на сигурен пат да почне да преговара за членство во Европската унија, најверојатно на 1 јануари 2020 година. Или, ако премиерот Зоран Заев баш инсистира дека тоа ќе се случи „оваа година“, тогаш, во најоптимистичката варијанта, зборуваме за крајот на декември.
Лангзам абер зихер!
Берлин остана цврсто на својот став дека Бундестагот ќе донесе одлука да одобри датум за Македонија во септември. Додуша, тоа не е кажано во официјалното соопштение на канцеларијата на Меркел, но еве, да ѝ веруваме на канцеларијата на Заев. Тоа, пак, значи дека финалната одлука на европските лидери за датумот може да се очекува најрано во октомври.
Енде!
Обидот на македонскиот премиер да ја премисли фрау Меркел и да изнуди одлука за датум во текот на летово (се спомнуваше јули) заврши неславно. Емотивната реторика на Заев, неговите непријатни изливи на малодушност и заплашувањата со политичка криза во Македонија и во регионот, никого посебно не импресионираа. Дури и домашната јавност, со исклучок на неколку најистакнати фиданки на провладината пропаганда, остана рамнодушна.
А беше наивно, дури и глупаво, некој да се надева дека токму Ангела Меркел ќе падне на техниката „отворање на душата“. Кој и да го советувал Зорана Заев на ваков начин да ги убедува европските лидери експресно да го наградат за „испорачаното“, многу лоша услуга му направил. А и самиот си е виновен што го послушал глупавиот совет.
Напишав во една скорешна колумна и пак ќе повторам – така веќе не се игра ни во струмички потсојуз, а камоли во Бундес лигата! Арно ама, нема кој да чита. Или чита, а не сфаќа. Или сфаќа, а не сака да разбере.
И погледнете сега, на пример, што рекол премиерот на регионалната велесила Македонија (Северна, де), во интервјуто за влијателниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг”, ден пред средбата со Меркел. Цитирам:
„Кинеските економски интереси во регионот се познати. Русија е видливо поактивна во Србија, но традиционално е заинтересирана за Балканот – за нас, за Бугарија, Грција и Босна. Европа не смее дополнително да ја засилува прераспределбата на влијанието во регионот”.
Ауууу… Геополитише мацедонише цуштенде!
Па мајку му стара, ова Заев зборува, или Вучиќ?! Има ли некој да му каже на нашиот премиер дека за Кина и за Русија може да си прави муабет со Мирка и со Миленко (добро, веројатно може и со Сале мутави), ама никако со швапски новинар, во интервју што сигурно било прочитано во канцеларијата на Меркел, а тој дел бил протолкуван како закана на слабак – ем шуто, ем боде!
Вас ист дас, хер Заев?!
Па „Франкфуртер“ е ова, другарче, а не хамбрургер или чизбургер со ајвар!
Вчера, една информирана личност ми кажа дека најдоброто што може да го очекува Заев од средбата со Меркел е да нема заедничка изјава. Зашто, ако мора нешто да каже, она што ќе го каже германската канцеларка нема да биде пријатно да се слушне. Информацијата ја споделив со моите колеги и еве – токму така излезе.
После онаков курцшлус, ова што се случи сепак може да се нарече добар исход на средбата. Ја, натурлих!
И уште една добра вест имам да ви кажам, што треба сите да ги израдува – расте расположението Македонија да добие датум за преговори и во европските метрополи во кои се очекуваше најсилен отпор.
Се исплашиле луѓето од Кина и од Русија. Не сме за потценување, само ние и Кина заедно – две милијарди!
Шегата на страна. Процесот тече, без оглед што Заев нешто заостанува, а како што видовме, знае и да заталка во некое слепо уличе. Ќе заталка, ќе го слушне свирчето, па ќе си се врати. Не му се лути никој. Има човекот доволно чварки на еполетите за да си дозволи и по некоја ваква екскурзија.
А ионака, за среќа, ништо од нас претерано не зависи. Битно е само сега, кога сме при крајот, да не ја умацаме теглата со ајвар пред да го затвориме капачето.
Да не биде после – шајзе!