Градоначалникот на Шуто Оризари, а поранешен пратеник, Курто Дудуш утрово сведочеше за случувањата во Собранието на 27 април лани. Тој кажа дека за време на прес-конференцијата на Зоран Заев бил во галеријата од прес центарот. Кога толпата влегла, а потоа се качиле и на галеријата по него никој не го нападнал, но биле нападнати пратениците Павле Богоевски и Енес Ибрахим.
– Решив да пробам да излезам од галеријата. При симнување по скалите го видов Игор Дурловски како стоеше надвор од прес салата и мислам дека тој им посочуваше на луѓето каде да одат. Мислам дека испрати луѓе и кај мене со зборовите: „И овој е еден од нив”. Тргнаа кон мене тројца повозрасни, среќа бев погоре на скалите, а кога дојдоа тие беа пониско и успеав да ги отргнам. Потоа ме евакуираше во една од канцеларијата каде чекавме околу два часа – рече Дудуш.
Адвокатот на Дурловски, пак, меѓу другото го праша по Дудуш каде стоел пејачот, на што тој одговори на околу два метри од скалите, по што бранителот рече дека нема повеќе прашања со оглед на тоа што постојат и видео материјали.