Курти: „Мини Шенгенот“ е намера на Србија да создаде четврта Југославија

162

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека „мини Шенген“ е намера на Србија да формира четврта Југославија и смета дека таквата идеја претставува опасност.

– Балканскиот мини Шенген не е реалност, туку повеќе е идеја. За соработката на шесте земји од регионот ја имаме рамката на Берлинскиот процес. Во таа смисла нема ништо ново – рече синоќа Курти во емисијата Рубикон на КТВ.

Тој не ја исклучи можноста да присуствува на следниот состанок на балканскиот мини Шенген, но додаде дека е малку веројатно таквата одлука да биде донесена во неговиот кабинет, објави „Косово онлајн“.

– Мора да разговараме за сè во Владата на Косово. Мора да почекаме документирање на оваа идеја и ќе развијам некои прелиминарни контакти пред да одам на четвртата средба – рече тој.

Сепак, тој е убеден дека албанскиот „макро Шенген“ би можел да се спроведе многу брзо.

– Албанскиот „макро Шенген“ подразбира сеопфатна албанска либерализација. Балканскиот„ мини Шенген“ е идеја што не е спроведена, додека албанскиот „макро Шенген“ може да се спроведе многу брзо. Ваквите иницијативи не можат да се насочат на друго место освен кон Берлинскиот процес – рече Курти.

Коментирајќи го ставот на претставникот на Трамп Рикардо Гренел, кој инсистира на укинување на таксите на производите од Србија и Босна и Херцеговина, Курти рече дека американскиот дипломат „има многу енергија и не е злонамерен“, но оти прашањата на Балканот и односите меѓу Косово и Србија се чувствителни.

Тој повтори дека покажал подготвеност да ги укине таксите, но по воспоставувањето на принципот на реципроцитет.

– Ние ќе прецизираме што е реципроцитет. Косово може да примени реципроцитет, но не го прави тоа. Во Србија никако не можете да влезе со косовски регистарски таблички. Така би можело да постапи и Косово, така би изгледал реципроцитет. Имаме право да не дозволиме српски камиони бидејќи немаме договор за патен транспорт – изјави Курти.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...