Лидерот на косовската опозициска партија Движење Самоопределување (ВВ) Албин Курти смета дека косовската политика може да постигне да се обедини околу барањата на Албанците во дијалогот со Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти на денешната конференција „Гласот на народот за „големото финале“ меѓу Косово и Србија“, во организација на Институтот за европски прашаења и развој (РИДЕА), изјави дека владејачките и политичките партии во Собранието можат да постигнат консензус за одредени прашања и тоа треба да го направат пред да продолжи дијалогот со Белград.
– Ние знаеме што сака Србија, но дали знаеме што сакаме ние? Во Собранието ние можеме да постигнеме консензус за нашите барања кон Србија, како што е признавањето на независноста, расветлување на судбината на исчезнатите (од војната во 1998-99 година), реципроцитетот и слично. Значи има прашања за кои можеме да се согласиме. Овие барања треба да ги изложиме во официјален собраниски и владин документ до Србија како наш должник. Ова треба да се случи пред да почне дијалогот. Ние треба да бидеме обединети околу нашата цел за постигнување траен договор – изјави Курти.
Косовскиот опозициски лидер нагласи и дека јакнењето на државата е уште еден предуслов за достоинствено претставување во дијалогот.
– Наспроти Србија не е значаен само политичкиот консензус, туку и силата на државата. Кога ти е државата урнисана, партискиот консензус е неважен. Паралелно треба да ја јакнеме нашата држава, значи правото, образованието, здравството итн. треба да ни бидат на друго ниво, затоа што пред Србија излегуваме како држава, а не како партии – рече Курти.
Тој посочи дека Косово досега со Србија има склучено 33 спогодби, но тоа не сменило нешто кога е во прашање меѓународната положба на државата.
– Тие договори не го сменија ставот на петте земји членки на Европската унија кои не ја признаваат косовската независност, а уште помалку на Русија и Кина – изјави Курти.
На конференцијата на РИДЕА, посветена на финалната фаза на дијалогот меѓу Приштина и Белград, присуствуваат водачи на косовските институции, партиски лидери, претставници на дипломатскиот кор и експерти од странство