Власта да преземе поагресивни чекори за соочување со климатските промени како најголем проблем на 21 век. Засега нема такви чекори, има само некои планови и некои небулози во стилот „ќе видиме понатака…“, извештаи што треба да се направи, меѓутоа не се прави ништо. Сакаме да направиме притисок климатските промени да бидат сериозно сфатени. Ова го изјави Иво Босилков, кој е дел од движењето „Петоци за иднината“, кое го организираше денешниот мирен протест пред Владата.
Тој појасни за Плусинфо дека имаат листа на конкретни барања, адресирани до Владата, кои се во склад со барањата на глобално ниво. Тоа се откажување од создавање на енергија на фосилни горива, целосна трансформација на транспортниот сектор и развивање на јавниот превоз и велосипедските мрежи, вклучување на климатската проблематика во образованието, посериозно сфаќање на овој проблем. Тој смета дека досега, овој проблем не се сфаќал сериозно.
– Кога науката објаснува што треба да се направи, а насоките се едноставни, секој може да даде свој придонес. Не ни е баш јасно кои се пречките за тоа да се спроведе во пракса – нагласи тој.
Планираат да протестираат и понатаму, се додека не се исполнат барањата. Викендов ќе има самит за климатски промени во Њујорк и сакаат да бидат заедно со сите оние кои испраќаат порака на глобално ниво.
Деветнаесетгодишната Теодора Милеска рече дека протестира за зголемување на еколошката свест бидејќи на проблемот не се гледа сериозно и дека сака да укаже на потребата од акции, како од страна на Владата, така и од луѓето. Да се зголеми свесноста од важноста на ова прашање. За подобро утре.
– Мислам дека крајно време е некој да преземе нешто и да се погрижи за нашата планета Земја – за Плусинфо рече 17-годишната Мартина Василева.
Беа испратени пораки да се купува помалку хемија.
– Најмногу плаши тоа што оние кои немаат никаков придонес кон загадување, тие најмногу ќе страдаат кога ќе дојдат големите климатски катастрофи. А не треба да страдаат бидејќи немаат вина, наспроти оние кои ја силуваат и крадат природата – рече Елена Данова.
Најавени беа и низа други активности неделава, а за следниот петок марш пред Министерството за животна средина.