Означувањето на храната, односно информациите напишани на пакувањето на храната и на пијалоците се законска обврска, но колку од граѓаните ги читаат овие информации пред да ги купат производите? Граѓаните со кои разговаравме велат дека најчесто од декларацијата го читаат рокот на траење на производот, а многу поретко составот. Според едно истражување на Агенцијата за храна и ветеринарство, само 47 отсто од граѓаните секогаш ги читаат декларациите, а 7 отсто од нив никогаш не ги читаат.
– Најчесто купувам производи кои ги знам и се од производител во кој сум стекнала доверба со годините, па затоа нема потреба да ја читам декларацијата. Во тој случај гледам само дали е поминат рокот. На производите кои првпат ги гледам на рафтовите на дуќаните се задржувам малку подолго. Прво читам кој е производителот, зашто од тоа најчесто зависи дали ќе му верувам на производот. Потоа читам што содржи иако за повозрасни луѓе декларациите се тешки за читање зашто најчесто се напишани со ситни букви. Многу често ако сакаш да ја прочиташ оргиналната декларација, се разбира, ако го познаваш јазикот, не си во можност зашто нашите трговци преведената декларација најчесто ја лепат врз оргиналната што не е добро – вели скопјанка.
Постара граѓанка вели дека не ги чита декларациите, оти тие се напишани со ситни букви.
– Беспредметно е да се трудам да ги прочитам зашто буквите се толку ситни, а треба да ги прочитам зашто за одделни болести кои ги имаме ние постарите луѓе треба да внимаваме да ги нема во некои готови производи. Затоа купувам само производи за кои веќе знам што содржат нивните производи – вели пензионерка.
Од Организацијата на потрошувачи препорачуваат граѓаните да ги читаат декларациите, зашто таму можат да ги добијат сите информации поврзани со составот на производот, иако и тие согледале дека декларациите најчесто се со ситни букви кои им се проблем на постарите луѓе.
Агенцијата за храна и ветеринарство лани направи истражување „Дали граѓаните во Македонија ги читаат информациите од етикетите/декларациите на прехранбените производи“ кое покажа дека иако скоро сите анкетирани сметаат дека се важни информациите од декларациите, само 47 отсто од нив кога купуваат некој производ ги читаат информациите од декларацијата и тоа го прават секогаш, 36 отсто од граѓаните ги читаат декларациите понекогаш, ретко ги читаат 9 отсто, додека 7 отсто од граѓаните воопшто не ги погледуваат декларациите.
Како причина зошто не ги читаат декларациите, граѓаните изјавиле дека немаат навика (30%) или интерес (16%), 14 отсто дека недоволно знаат да ги протолкуваат информациите. Ситните букви/мал фонт биле се проичина за 10 отсто од нив, додека девет отсто рекле дека не им веруваат на информациите присутни на означувањата на храната.
Најмладата категорија на потрошувачи од 18 до 34 години во поголем број (43%), како и потрошувачите со средно (35%) и високо (35%) образование во поголема мера сметаат дека информациите на пакувањата се јасни и разбирливи.
Од друга страна, најстарата категорија потрошувачи на возраст над 55 години (28%), како и потрошувачите со основно образование (38%) во поголем број од другите возрасни и образовни категории сметаат дека информациите на пакувањата воопшто не се јасни.
Листата на состојки и нутритивната вредност на пакувањата на храната и пијалоците во поголем број ги читаат: женските потрошувачи, на возраст од 18 до 54 години.
Генерално останатите информации на означувањата на храната и пјалоците, а кои се однесуваат на храната и здравјето, како што се калориската вредност, присуството на алергени, или други специфични состојки, како и препорачаниот дневен внес и другите препораки, во поголем број ги читаат жените и потрошувачите со средно и високо образование.
Најголем дел од потрошувачите (64%) сметаат дека основна функција на информациите за храната е да им помогне подобро да разберат што има во храната која ја купуваат и јадат и да им го олесни процесот на купување (34%).
Само 27% од потрошувачите сметаат дека целта на информациите на пакувањата на храната и пијалоците е да им помогне на потрошувачите да направат поздрав избор на храната која ја купуваат и јадат.
Основни мотивациски фактори за почесто читање на информациите на пакувањата на храната за македонските потрошувачи се: грижата за сопственото здравје и здравјето на други членови во семејството (30%), и одржувањето баланс во исхраната (29%).
Намалувањето на телесната тежина, разбирање на содржината на храната грижа за тоа храната да не содржи состојки неадекватни за здравјето на потрошувачот, како и желбата за здрава исхрана се останатите мотиви на граѓаните да ги читаат декларациите.
Македонските потрошувачи за најкорисни информации на пакувањата на храната ги сметаат: дали храната може да биде алерген (53%), потоа предупредувањето дека храната не е соодветна или дека е соодветна за одредена категорија граѓани пример со висок притисок, дијабетичари, вегетаријанци (50%) и дека производот е органски (46%).
40 отсто од потрошувачите ги сметаат за корисни и информацијата за нутритивната вредност, податокот за калориска, енергетска вредност, податокот дека производот не е ГМО, и информацијата за отсуство или присуство на одредени состојки (пример без глутен, со пробиотик, со витамин Д, дека не е алерген итн.) за 35 отсто од граѓаните е важно храната да не биде ГМО.
За потсетување декларациите содржат име на храната, список на состојки, секоја состојка во храната која може да предизвика алергиска 7 реакција кај луѓето, количество состојки, нето-количество храна, рок на употреба, посебни услови за складирање, име и адреса на операторите со храна, земја на потекло, упатство за употреба, јачина на алкохол по волумен (доколку содржи повеќе од 1,2% алкохол) и означување на нутритивните својства.