Скопкото обвинителство отвори истрага за едно лице за неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Тој е осомничен дека од друго, засега непознато, лице набавил 1,8 килограми марихуана, а при претрес во неговиот дом тогаш во Скопје полицајците утврдиле дека имал дрога за препродажба. Била спакувана во пластино буре на балконскиот простор, во кеси со различна нето маса, како и во јутена бела вреќа во подрумските простории. Дополнително, при претресот кај него била пронајдена и дигитална вага со остатоци од марихуана.
„Надлежниот јавен обвинител ценеше дека постојат околности кои го оправдуваат стравот од опасност од бегство на осомничениот – неговата возраст, видот, карактерот и тежината на кривичното дело за кое е осомничен, висината на запретената кривична санкција за ова дело, како и фактот што лицето досега е осудувано, поради што основано може да се очекува дека осомничениот ќе се крие, односно ќе се даде во бегство“, објави обвинителството.
Поради ова било побарано, а судија го прифатил предлогот, па лицето се наоѓа во 30-дневен притвор.